Димовски на состанок на Иницијативата за безбедносна пролиферација во Париз

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски денеска во Париз учествуваше на состанок на високо политичко ниво на Иницијативата за безбедносна пролиферација по повод 15-годишнина од нејзиното формирање.

Целта на оваа Иницијатива е спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување преку имплементација на практични мерки на пресретнување на илегални трансфери на материјали за оружје за масовно уништување, како и системи за нивна испорака.

Во своето обраќање на тема „Меѓународен безбедносен контекст и непролиферацијата“, како што соопшти МНР, Димовски истакна дека Република Македонија стана дел од Иницијативата во 2003 година заради фактот што заканата од пролиферација на оружје за масовно уништување претставува една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност.

Воедно го нагласи клучното значење на мултилатералната соработка во рамки на Иницијативата за безбедносна пролиферација, за надминување на комплексните предизвици, со кои се соочува меѓународната заедница.

Димовски информираше и за националните напори во оваа сфера, преку донесување на Национална стратегија и Акциски план за спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување и заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.