Трет ден имаме молк од владата и премиерот Заев на повикот за итна лидерска средба на која ќе се разговара за деталите и тековите на најважното прашање на граѓаните на Република Македонија, прашањето за името.
Единствените информации со кои располага македонската јавност се оние кои се од грчките медиуми. Дополнително на ова претходеше еден процес на ретерирање во изјавите на премиерот и владините претставници околу прашањето за организирање на референдум и непромена на Уставот, што само ги зголемува дилемите дека работите се движат во непосакуван правец за Република Македонија.
Оттука и дилемата што се јавува кај сите нас, што крие премиерот Заев и ако има некаков договор кои се деталите за истиот? Јавноста, граѓаните, сите Македонци имаат право да ја знаат вистината. Прашањето за името не е суверено право на Заев и тој не смее да се однесува како да има монопол кон истото.
Господине Заев излезете јавно и кажете што се преговара и што е она што следи.
Целата оваа ситуација наликува на процес во кој Македонија ја ставате пред свршен чин. Дали решението кое го договарате или веќе сте го договориле значи капитулација на Република Македонија?
Нема ниту една причина да нема итна лидерска средба. Власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи искреирани за народот.
Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а претседателот на државата е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а досега лидерите не се воопшто исконтактирани за можен термин.
Обврска на владата е да бара консензус за вакви историски прашања, а не да се крие и да се дознаваат информации од грчки медиуми за она што грчката влада го сервира во медиумите. Од авион се гледа дека лошо поставената надворешна политика базирана на трговија со нешто што не е само на владата доживува колапс.
Овој народ овие граѓани треба владата да ги гледа како сојузник, а не како непријател. Името на државата не е фамилијарно наследство на луѓето од власта за вака неодговорно да се однесуваат.
Итната лидерска средба ќе помогне, никако не може да одмогне. Македонскиот народ има право да знае што се случува, а власта и Заев имаат обврска да не бегаат од одговори.