Скопје домаќин на Генералното собрание на европскиот проект „Рок“

Градот Скопје од денеска до среда ќе биде домаќин на Второто Генерално собрание на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (РОЦК), на кое ќе присуствуваат сите учесници во овој меѓународен проект.

Како што информираат од Град Скопје, проектот се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од седум избрани градови: Атина, Клуж – Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во три „репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.

– Градот Скопје во овој проект учествува како град-репликатор, и притоа треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и нив да ги имплементира. Своите активности ќе ги фокусираме во старото градско јадро на Скопје, каде што преку имплементирање на голем број креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија ќе се работи на негова трансформација во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој, наведуваат од Град Скопје.

Како локации на кои ќе се спроведуваат активностите во рамки на проектот „РОК“ се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало.

Проектот „РОК“ е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.