Производството на свежо свинско месо во целост ги задоволува домашните потреби и ја намалува зависноста од увоз. Трендот на производство континуирано расте, а годинава се очекува дополнително зголемување од 10 отсто, рече денеска м инистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој присуствуваше на отворањето на кланицата „Мич Челопечко“, новиот преработувачки капацитет на фармата „Единство Челопек“.
Николовски нагласи дека преку програмите за поддршка во земјоделството, Министертсвото продолжува да вложува во развој на свињарството, во зголемување на производството, конкурентноста и прилагодувањето кон европските регулативи.
– Во оваа насока директната финансиска поддршка за категоријата на сточари со развоен потенцијал, вклучително и за одгледувачите на свињи за 2018 година е зголемена за 10 отсто. Нудиме и поддршка од 2.000 денари по грло за гоеници со тежина од над 121 килограм, како и повраток на 50 отсто од инвестиција за набавка на педигрирани назимки и нерези, што е важно за обнова на стадото, но и за квалитетот на крајниот производ, информира министерот.
Дополнително, ИПАРД 2 Програмата овозможува 50 отсто поврат од вкупно вложените средства за изградба или реновирање објекти за одгледување свињи.
Осврнувајќи се на новата кланица, рече дека модернизацијата и зголемувањето на производствениот капацитет на „Единство Челопек“ е потврда за резултатите што ги даваат условите кои ги создава Владата за развој на приватниот сектор.
– Ме радува фактот што во оваа рурална општина има вакви инвестиции и активности кои влијаат врз развојот на регионот од повеќе аспекти: отворање нови работни места, зголемување на капиталот на регионот, подобрени перспективи за младите, изјави министерот Николовски.