Писмена реакција за преговорите за името

Почитувани,

Во пресрет на најавената средба меѓу Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија во четврток, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Македонската Алијанса во името на целата Дијаспора бара конкретни одговори од Премиерот Зоран Заев. Трет ден Грчките медиуми пласираат информации за евентуалниот договор и фазите за негова имплементација. Павлопулос и Мицотакис ги повторуваат уцените дека без промена на Уставот и отстранување на наводниот Македонски иредентизам нема ниту ЕУ ниту НАТО за Македонија. Заев, Димитров и Шекеринска не можат и понатаму да молчат и да ја држат Татковината во заложништво! Дали Заев во четврток ќе му пружи рака на Ципрас и ќе го прифати Грчкото барање за промена на Уставното име? Дали во рок од неколку години НБРМ ќе се вика Народна Банка на Горна, Вардарска или Нова Македонија? Ќе се менуваат учебниците? Ќе се согласи ли Заев на бришење на член 49 од Уставот на Република Македонија и ќе се откаже од правото на Републиката да се грижи за правата на Македонците во соседните земји и за Дијаспората? Ќе оди ли името Република Македонија и идентитетот на Македонскиот народ во заборав затоа што Заев е подготвен да прифати дека ние сме „нова“, „млада“ Држава и народ?

МАКЕДОНСКИОТ НАРОД БАРА ОДГОВОРИ СЕГА И ВЕДНАШ!

Ние јасно му порачуваме на Премиерот Зоран Заев да не потпаѓа на притисоците. Планот дека е можно прво да се потпише на предавнички договор и дури после 10 месеци да организира претседателски, предвремени парламентарни избори, заедно со референдум, е јалов! Македонскиот народ никогаш нема да се согласи да обезличи заради влез во ЕУ и НАТО!

БАРАМЕ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ И РЕФЕРЕНДУМ ВЕДНАШ!

Јасно е зошто толку време се одлага формирањето на Државната Изборна Комисија. Тоа е потврда дека најголемите и најодговорни политички партии во моментот, одамна го имаат изгубено кредибилитетот за одбрана на Македонските национални интереси. Се изгубија во ситните и дневно политички партиски пазари. Македонската Алијанса бара промени во Изборното законодавство, воведување на една изборна единица заедно со Дијаспората, отворени листи, без изборен праг. Со тоа ќе се создадат сите предуслови за менување на досегашниот црно – бел политички фолклор во Татковината. Македонскиот народ има право и должност на брзи предвремени парламентарни избори заедно со референдум да ја одреди судбината на преговорите за името и да се изборат за подобра и сигурна иднина за Македонија и Македонскиот народ.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски