Почна конференцијата за иднината на Европа во Сунио, на која учествува Димитров

 Министрите за надворешни работи на балканските земји членки на ЕУ, на државите кандидати за членство, како и земјите од Вишеградската четворка, седнаа на заедничка маса на конференцијата за иднината на Европа, што претпладнево започна во местото Сунио, во близина на Атина.

На конференцијата учествува и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, пред официјалниот почеток на состанокот на министрите за надворешни работи, домаќинот, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека е особено задоволен што учествуваат претставници на 15 земји.

– Донесовме одлука со групата земји од Вишеград и четитри членки што сме групата од Балканот во ЕУ, да одржиме состанок за иднината на Европа така што помалите и со средна големина држави да можат да имаат влијание во дискусијата. Разговорот во Будимпешта го почнавме по мојот предлог и денес продолжуваме во Сунио, рече министерот за надворешни работи на Грција.

Во неговото обраќање на почетокот на конференцијата, Никос Коѕијас говореше за иднината на Европа и кои се прашањата за кои треба да се најде одговор во однос на тоа каква ЕУ посакуваат земјите членки.

Шефот на грчката дипломатија ги спомена проширувањето, бегалскиот и мигрантскиот проблем, одбранбениот систем на ЕУ, зајакнувањето на Унијата како дел од темите за кои треба да се разговара.

На маргините на конференција, се очекува министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров да одржи повеќе билатерални средби.

На конференцијата за иднината на Европа во Сунио, освен Македонија и домаќинот Грција, учествуваат и министри од Словачка, Унгарија, Црна гора, Босна и Херцеговина, Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка и  Косово