Савов: Отсекогаш го поддржував зближувањето на македонскиот и бугарскиот народ

За значаен придонес за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји денеска во Софија во рамки на 11. Македонска книжевна визита, на бугарскиот преведувач, книжевен иследувач и публицист Ганчо Савов, му беше врачена наградата „Македонски книжевен Дедал“.

Владимир Цветкоски, уредник на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје ,потсети дека нагрдата беше етаблирана како обид да се признае и награди напорот на исклучителни поединци кои со својот преведувачки труд во изминатите неколку години ја афирмираа современата книжнина од македонски писатели на бугарски јазик, а потоа во соработка со бугарски издавачи и македонски соработници ќе ја популаризираат во Република Бугарија.

– Во таа плејада се придружија Петар Караангов, Душан Христов, Николај Петев, Елка Љаголова, Роман Кисјов, Тања Попова, Иван Гранитски, Николај Шопов и други автори. Како издавачка куќа „Макавеј“ благодарни сме на сите што дадоа придонес на афирмацијата и успеаја да ја реализират замислата на оваа книжевна визита – вмрежувањето, поврзувањето и соработката меѓу поетитете од двете земји. Оваа година ја добива Ганчо Савов, рече Цветкоски.

Наградата на Савов му ја врачи директорот на Македонскиот култутно-информативен центар Сашко Насев.

Покрај благодарноста за наградата, која според името, вели, симболизира желба за знаење и високи духовни и морални стремежи, Савов се потсети на дејноста пред годините кога бил репресиран, и потоа. Ја истакна неговата посветност и интимно и креативно кредо да работи на зближување меѓу народите, а посочи и на неговите врски со македонски автори како Божин Павловски, Раде Силјан, Гане Тодоровски и мнгу други…  

– Отсекогаш ја поддржував онаа линија на зближување, која денес ја имаме и се повеќе се развива. Се радував на сите кои работеа на зближувањето на македонскиот и на бугарскиот народ, посакувам тоа да продолжи, рече Савов.

Ганчо Савов, во својот опус има десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик и над дваесетина студии и рецензии за дела, процеси и естетски тенденции во современата македонска литература.

Роден е 1930 година во Перник, Бугарија. Со славистичко образование се стекнал во поранешна Југославија. Работел во издавачката дејност и во месечно списание за литература и бил научен соработник на Бугарската академија на науките БАН. Во 1974 година бил во политички затвор репресиран за неговата активност за зближување со народите од поранешна Југославија. Одлежал 11 години, а по целосната рехабилитација и амнестија работел во неколку редакции и продолжил со научна работа во БАН. Во 1997 година станува наставник на Великотрновскиот универзитет по јужнословенски литератури каде го воведува и изучувањето на македонската литература. Автор е на редица научни истражувања, а меѓу другото и на првата статија во Бугарија за заштита на македонскиот јазик, како и на првата статија за современата македонска литература.

Савов е автор и на преводи на бројни циклуси од македонски поети и прозаисти во литературни списанија, како и на пиеси.  

Член е на бројни домашни и меѓународни организации на писатели, преведувачи и новинари, за својата работа е наградуван во земјата, а во Србија и Словенија за популаризација на нивните литератури.

Македонската книжевна делегација попладнево ќе биде примена во Бугарскиот книжевен сојуз, една од најстарите литературни асоцијации во Европа и најрепрезентативна во Бугарија според членството и влијанието.

Традиционално, учесниците на манифестацијата утре ќе го посетат и ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература, како завршна активност од 11. Македонска книжевна визита.