ЗНМ: Дискредитирањето на онлајн-медиумите е обид за нивно лиценцирање

Здружението на новинарите  е незадоволно како Граѓанскиот суд и Апелацискиот суд во Скопје го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и од тоа што и покрај одредбата со која се регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови и натаму ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн-медиумите.

Објаснувањето дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не се новинари, според ЗНМ е крајно несериозно, паушално, неодговорно и тенденциозно однесување на одредени судии и смета дека претставува заобиколен обид за лиценцирање медиуми и новинари што, рече, е недемократска практика во авторитарни држави.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани на денепната прес-конференција оваа појава, за која кажа, за среќа ја нема кај другите апелациски судови во земјата, ја забележале и порано, но сметале дека преку состаноци со судовите  ќе ги убедат да ја променат или усогласат судската пракса со останатите апелациски подрачја.

– Но деновиве добивме нова одлука на Апелацискиот суд и не само што досега правеа обиди да ги дискредитираат онлајн-медиумите како немедиуми, во оваа нова пресуда – луѓето кои работат во овие медиуми ги третираат како неновинари. Оваа практика е апсолутно неприфатлива затоа што е обид да се лиценцираат медиумите. Не е работа на судот да кажува кој е медиум и кој е новинар. Законот за граѓанска одговорност е многу јасен и тие треба тој закон да го применуваат. Нивната намера очигледно е дека сакаат да создадат таква перцепција во јавноста дека овие медиуми работат надвор од законот,  што не е точно. Закони има само треба да бидат спроведени, истакна Селмани.

Се сомневаат дека ваквата судска пракса на Граѓанскиот суд и на Апелацискиот суд во Скопје има политичка заднина која треба да ги дискредитира онлајн-медиумите и, како што рече, да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет.

– Предупредуваме дека обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, чија цел е државата да ја контролира нивната медиумска содржина. Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн-медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност, рече Селмани.

ЗНМ бара од Врховниот суд на Македонија во најкраток рок да постапи по нивното барање за усогласување на судската пракса и во иднина Граѓанскиот и Апелацискиот суд во Скопје да ги процесуираат предметите. Ќе достави и претставка до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот со цел да утврди одговорност. Ја повика и меѓународната заедница за, како што рече, да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлајн медиуми и обидот за нивно лиценцирање.