Во Музеј на град Скопје вечер ќе биде отворена архитектонската изложба „Скопските вертикали“, дел од истражувачки проект што има за цел да се придонесе за повторната видливост на еден од заборавените и тематски најмалку истражуваните архитектонски слоеви на Скопје – градбите кои се развиваат во височина.
Во основа на истражувањето, што е проследено со публикација и изложба, е желбата за подетално проучување на скопските висококатници и кули, производ на еден од доминантните модели на урбанизација и развој на европските градови во втората половина на 20. век.
Студијата е насочена кон документирање и истражување на 50 висококатници кои припаѓаат на периодот од 1950 година до доцните 80-ти години од минатиот век, кој истовремено е и најдинамичен период од историјата на развојот на Скопје.
Потпирајќи се на доволната историска дистанца која дозволува објективно согледување на заемното влијание на општествено-политичките процеси, глобалните архитектонски движења и технолошкиот напредок врз развојот на урбаната форма, целта на трудот е подетално проучување на архитектурата на вертикалниот град, условите во кои таа настанала, главните одлики што ја одредваат, како и квалитетите и вредностите кои ги поседува.