Се враќа интересот на италијанските компании за инвестирање во Македонија, рече денеска амбасадорот на Италија Карло Ромео.
Одговорајќи на новинарски прашања пред денешната презентација на новиот пакет финансиски мерки во Стопанската комора, Ромео истакна дека бирократските процедури, бавната администрација и несоодветните квалификации на работната сила се клучните слабости што ги детектирале италијанските бизнисмени.
– По период на забавување и одложување на одлуките на италијанските компании за инвестирање во Македонија поради политичката криза, последниов период забележуваме повторно враќање на интересот. Италијанските инвеститори се заинтересирани не само за регионалниот, туку и за европскиот пазар, нагласи амбасадорот.
За јакнење на капацитетот на домашните фирми за соработка со странските инвеститори, Стопанската комора најави нов проект. Како што рече Јадранка Аризанковска од Комората, во тек е пријавувањето на македонските компании кои би сакале да соработуваат со странските инвеститори и кои во текот на наредната година преку обуки и консултантска поддршка ќе имаат можност да го зајакнат својот капацитет и да одговорат на предизвикот што го бараат инвеститорите.
Владините мерки за финансиска поддршка пред италијанските компании ги презентира министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска.
Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Италија во периодот јануари – февруари 2018 година е 104,72 милиона американски долари. Извозот изнесува 32,75 милиони што е раст од 37,5 отсто, додека увозот достигнал 71,97 милиони долари што претставува зголемување од 39,1 процент споредено со јануари – февруари 2017 година. Остварен е дефицит од 39,22 милиона американски долари.
Италија е шести најголем трговски партнер на Македонија во периодот јануари – февруари 2018 година.