Со положување цвеќе и оддавање почит на спомениците на загинатите припадници на македонските полициски сили, како и со доделување благодарници за добро работење на македонскиот полициски врв денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи беше одбележан 7 мај – Денот на македонската полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на денот на македонските полицајци им додели благодарници на заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, на државната секретарка Магдалена Несторовска, на директорите на БЈБ и УБК, Лазо Велковски и Горан Николовски и нивните заменици.
Спасовски ги прими и претставниците на семејствата на загинатите припадници на македонската полиција.
Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 мај е востановен како Ден на македонската полиција.
Под мотото „Полицијата за граѓаните“ МВР во петокот почна одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција со тактичко-показна вежба на припадниците од Единицата за специјални задачи, која во три различни ситуации ги демонстрираа тактичко-техничките способности во касарната „Ѓорче Петров“.
Централната манифестација се одржа вчера на градскиот стадион во Штип, каде припадниците на МВР ги презентираат своите можности преку повеќе показни вежби.
Припадниците на Единицата за специјални задачи, езерската полиција и хеликоптерската единица во саботата во рамки на одбележувањето презентираа дел од своите професионални можности. Тие изведоа тактичко-показна вежба со напад на пловен објект поради совладување и лишување од слобода на опасни лица.
Спасовски напомена дека врската меѓу граѓаните и македонската полиција треба да се зајакне и да се обнови со цел да се зголеми безбедноста во земјава.
Министерот Спасовски вчера на централната свеченост во Штип рече дека преку реформските процеси МВР ја враќа довербата кај граѓаните, а најави и дека од 1 декември годинава 4.900 полицајци ќе добијат покачување на платата.
Зборувајќи за минатогодишните насилства во Собранието, Спасовски кажа дека извршителите и креаторите не смеат да останат неказнети, а како што рече, особено оние кои ја злоупотребија полицијата и се обидоа да ја свртат против својот народ.
Денот на полицијата го честита и премиерот Зоран Заев, кој порача дека по сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во МВР „успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста, јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време полиција, пријател и заштитник на граѓаните“.
Новата цел, нагласи премиерот е полициските и безбедносните служби да ги достигнат западноевропските професионални служби.
Многу е важно, потенцираше тој, Македонија да ги професионализира и да ги деполитизира службите и да изгради систем кој ќе ги осигура основните функции на полицијата независно од промената на политичките раководства на власт.