Почнува фестивалот „Тремоло 2018“

Интернационалниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ од денеска до недела ќе се одржува во Скопје. Организатори се Детскиот културен центар – Карпош и Град Скопје.

Овој интернационален фестивал, кој се одржува по деветти пат, е натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер часови.

Годинава членови на жирито се светски познатите гитаристи: Никола Монтела од Италија, Зоран Аниќ од Хрватска, Џевдет Сахатчија од Косово, Николај Михајлов од Бугарија, а претставници во комисијата од Македонија се: Дарко Багески, Борче Наумовски и Љубомир Наќески.

Според програмата, ќе се одржат три концерти, во Музејот на Македонската борба-Скопје, МКЦ-Клуб и ресторан и во Културно- информативниот центар во Скопје.

В недела во Детскиот културен центар-Карпош ќе се одржи концерт на победниците по категории-класична гитара, каде ќе се доделуваат наградите и признанијата на учесниците. Влезот за сите концерти е бесплатен.