Владата ќе ги утврдува стратешките приоритети за 2019 година

Владата на Република Македонија на денешната 66-та седница ќе ја разгледа Предлог одлуката за утврдување на стратешките приоритети за 2019-та година.

– Развојот на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, Република Македонија – членка на НАТО и ЕУ, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа, реформите во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија, реформите во правосудството и целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија, се на дневен ред на седницата.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани Предлог законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог законот за приватни агенции за вработување.

Дел од точките на 66-тата седница се Предлог  законот за изменување и дополнување на Законот за градежни производи, предложен од Министерството за економија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, предложен од Министерството за финансии.

На дневен ред на денешната седница се и информациите за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Како точки за информирање, министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на средства од програмите за финансиска поддршка во земјоделството, руралниот развој и рибарство со аквакултура за 2017-тата година.

Како што информира владината прес-служба на предлог на Министерството за надворешни работи ќе бидат разгледани предлозите за отворање на почесни конзулати на Република Македонија во Турција со седиште во Едрене, и во Казахстан, со седиште во Алмати, со предлог одлука.

Пред министрите денеска ќе се најде и Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година.