Дармановиќ: Не знаеме колку бргу преговорите за името ќе успеат

Црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ, во изјава за МИА, изрази надеж дека Македонија ќе стане членка на НАТО, но вели оти засега не се знае дали и колку бргу преговорите за името ќе резултираат со успех.

Црна Гора, која стана членка на НАТО во 2008, е учесник на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата на којшто утрово се дискутираше за односите со Русија. Според црногорскиот министер, „членството во НАТО останува во рацете на двете страни во спорот“.

– Се надевам дека Македонија и Грција се на добар пат да најдат некакво решение и оти двете земји прават напори во тој правец. Не знам дали би можел да кажам дека е тоа шанса која е поголема од порано, но ние на Западен Балкан многу би сакале да видиме такво сценарио. Успехот на Македонија во евроатлантските интеграции е успех на сите нас и доколку Македонија ги надмине пречките на тој пат нејзиното членство во НАТО па и во ЕУ ќе биде за сите нас придонес кон стабилноста, изјави Дармановиќ за МИА.

Според него, доколку се постигне успех во преговорите, тоа би било многу добра информација за целиот регион проблемот да се реши. – Македонија е земја кандидат од 2008, и доколку проблемот се реши ние веруваме во прогрес, рече Дармановиќ.

Шефот на црногорската дипломатија, изрази надеж дека Македонија „полесно ќе помине“ на својот пат кон НАТО, за разлика од Црна Гора, алудирајќи на руското влијание во неговата земја.

– Русија стана фактор во нашиот регион, и НАТО е свесен за тоа. Црна Гора веќе помина низ тоа искушение, но се надеваме дека Македонија ќе помине полесно, рече Дармановиќ.

Македонија се надева да ја добие ветената покана за членство во НАТО на самитот на Алијансата во јули, покана која беше блокирана од Грција во 2008 на самитот во Букурешт, и која останува условена со решение за спорот со името.

Генералниот секретар на НАТО вчера се сретна со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Коѕијас денеска во Брисел има билатерална средба и со својот турски колега, Мевљут Чавушоглу.