Почитувани,
Во врска со Виенските преговори за името меѓу Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коsијас заедно со преговарачот Метју Нимиц, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:
Знае ли Еврокомесарот Јоханес Хан нешто што се крие од Македонскиот народ? Какви се тие очекувања дека спорот за името можел да се реши во наредните две недели? Демантот на Зоран Заев и нервозната реакција на Грчкото Министерство за надворешни работи со напад дека Еврокомесарот не го познавал спорот и со такви изјави ги поткопувал преговорите, уште повеќе ги подгрева сомневањата дека нешто тајно се пакува.
Дали Зоран Заев и Никола Димитров дале некакви ветувања зад грбот на Македонскиот народ, па сега ги потсетуваат и им вршат притисок да го исполнат ветенето? Со кои национални позиции Никола Димитров денес ќе преговара во Виена? Официјална Атина ја бетонираше својата позиција дека евентуалното решение на спорот за името задолжително треба да вклучува и Уставни измени со ново име и за внатрешна и за надворешна употреба.
Македонскиот народ како единствен суверен владетел со Уставното име и национален идентитет, никому не дал мандат да преговара за најчувствителното прашање за една нација. Без референдум на кој народот непосредно ќе се изјасни за судбината на преговорите за името, ниту еден лидер, партија или коалиција не може да ветува ништо ниту пак да става потпис на некаков договор. Никој не е поголем од Македонскиот народ. Нема да дозволиме велепредавство.
ВРЕМЕ Е МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ДА СЕ ИЗЈАСНИ! ДА ГИ ЗАЧУВАМЕ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ!
Македонската Алијанса повикува веднаш да се формира Државната Изборна Комисија. Најодговорните политички актери да не се лажат дека можат да протуркаат на мала врата продажба на нешто за што гинеле Македонските херои.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски