„Атина и Скопје го приземјуваат Хан“, „Енигма отвораат изјавите на Хан пред новата средба за скопското прашање“, „Атина и Скопје со спротивен став за изјавите на Хан за непосреден договор“, „Нова средба Коѕијас-Димитров непосредно по предвидувањата на Хан“, се само дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната изјава на комесарот за проширување, Јоханес Хан.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, медиумите во Грција ги пренесуваат ставовите на Хан, но и реакциите од македонска и грчка страна, соопштението од грчкото МНР и изјавата на премиерот Заев.
– Оптимизам дека е веројатно да се најде решение во разликата за името меѓу Скопје и Атина, дури и во следните две седмици изрази вчера надлежниот комесар за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, неколку часа пред денешниот нов круг разговори меѓу Грција и ПЈРМ во Виена, пишува „Катимерини“, во текстот под наслов „Атина и Скопје го приземјуваат Хан“ и додава дека премиерот Заев не го дели оптимизмот на Хан, а го пренесува и соопштението од грчкото МНР.
Како што вчера објави МИА, Министерството за надворешни работи на Грција, го повика комесарот да не ги поткопува и да не дава погрешна слика за преговорите.