Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, кој во Талин учествува на конференцијата на претседатели на парламенти од земјите на ЕУ, се сретна со претседателот на Австрискиот национален совет, Волфганг Соботка.
Од кабинетот на Џафери соопштија дека тој изразил задоволство од средбата, особено што се остварува непосредно пред преземањето на претседавањето на Австрија со Советот на ЕУ, што е сигнал за силна поддршка на евроинтеграциските процеси на Република Македонија.
Претседателот Соботка потврдил дека Австрија ја поддржува Република Македонија во евроинтеграциските процеси и при тоа нагласил дека интензивирањето на парламентарната размена и комуникација може да придонесе во зајакнување на севкупните односи на двете земји. Во периодот што следи, очекува двата Парламента да продолжат да соработуваат во рамките на Парламентарното собрание на ОБСЕ преку заеднички активности на пратениците. Тој, исто така, се интересирал за актуелните случувања во земјата, особено за градењето на добрососедските односи, бидејќи истите се од клучно значење за интеграција на земјата во европското семејство.
Џафери истакнал дека Република Македонија особено го цени фактот што Австрија ја предводи групата земји во ЕУ кои се гласни и активни поддржувачи за отпочнување на пристапни преговори меѓу ЕУ и Македонија. Тој, исто така, изразил уверување дека земјата е целосно посветена на реформите кои треба да дадат конкретни резултати.
На крајот од средбата, тие се согласиле интензивирањето на парламентарната соработка да ја остварат преку заемни активности и посети, при што претседателот на Собранието, Џафери ја повторил отворената покана до својот колега за посета на Република Македонија во текот на годинава.