Пратениците од Собранието на Република Франција Бертран Сор, претседател и Грегори Галбадон, заменик-претседател на групата за француско-македонско пријателство, од денеска до 27 април ќе престојуваат во посета на Македонија во рамки на која се сретнат со претседателот на државата Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Димитров како и со претседателот на пратеничката група во македонското Собрание за соработка со Парламентот на Француската Република Панче Иванов како и членовите на групата.
Двајцата француски пратеници, кои доаѓаат од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон – „Републиката во движење”, на 25 април треба да одржат средба со градоначалник на општина Битола Наташа Петровска. Сор и Галбадон заедно со Амбасадорот на Франција Кристиан Тимоние во Битола ќе присуствуваат и на комеморативен настан за жртвите од Првата светска војна на француските воени гробишта.
По тој повод свечено ќе биде поставено уметничко дело од длабен камен изработено од француски ученици од Гимназијата „Ла Рокел” од Кутанс во Нормандија кои се на училишна размена со Гимназијата „Јосип Броз Тито” од Битола.