Процедурата за зголемување на цената на водата не е завршена, велат од ЈПКР Услуга од Берово

Процедурата за конечно утврдување на тарифите за водните услуги не е завршена, бидејќи е предвиден законски рок за приговори и жалби и крајната одлука за висината на тарифите за водните услуги треба да ја донесе Советот на Општина Берово.

Ова денеска го соопштуваат од ЈПКР „Услуга“ од Берово во врска со најавите дека граѓаните на Берово ќе плаќаат поголема цена за водата согласно со одлуките на Регулаторната комисија.

– Навремено ќе ги информираме граѓаните на општина Берово за понатамошната постапка и конечните одлуки во однос на промените (зголемување, намалување и воведување на нова тарифа) на тарифите на водните услуги. ЈПКР „Услуга“ Берово соопштува дека според Законот за утврдување на цените на водните услуги, донесен од страна на Собранието на 15.01.2016 година и објавен во Сл.весник , постапката за утврдување на водните услуги ја врши Регулаторна комисија за енергетика на Македонија,  се вели во соопштението.

Во согласност со Упатството за подготовка на Барањето за утврдување на тарифа за водна услуга до законски пропишаниот рок 15.09.2017 година, ЈПКР „Услуга“ Берово уредно достави Барања за утврдување на тарифите за трите водни услуги кои ги дава на граѓаните на територијата на Општината: снабдување со вода за пиење, собирање и одведување на отпадни води и прочистување на отпадни води, се додава во соопштението.

По разгледувањето на Барањата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, се доставени решенија со кои се утврдени просечните тарифи за вршење на водните услуги, како и минимален и максимален опсег изразен во проценти, се вели во соопштението на ЈПКР „Услуга“.

Граѓаните на Берово досега плаќаа по 28 ден./м3 , но за 2018 година Регулаторната комисија предлага просечна цена од 32,57 ден/м3 , за 2019 – 32,59 и за 2020 год. 34,66 ден/м3.