Дигитална трансформација на земјите од Западен Балкан за поголема соработка и економски развој, но и пониски цени на роаминг во регионот и со ЕУ се целите постигнати на дводневниот Самит што се одржа во Скопје во рамки на Берлинскиот процес.
Премиери, претставници на влади, на ЕУ, регионални оранизации, академската заедницата, бизнисмени и млади изнесоа идеи и порачаа дека технолошката трансформација и нивна целосна дигитализација е еден од врвните приоритети.
– Дигитализацијата е можност која не теба да се пропушти доколку сакаме да обезбедиме иднина. Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на граѓаните и државите на Западен Балкан. Таа регионална соработка доби суштина со Берлинскиот процес, а особено со усвојувањето на планот во Трст, порача на отворањето на Самитот македонскиот премиер Зоран Заев.
Тој истакна дека инвестирањето во нови технологии ќе донесе ефикасност и продуктивност, а особено важно е дека во дигиталниот свет нема големи и мали играчи и оти се обезбедени доволно средства во буџетот за дигитализација.
– Целта е да се овозможи дигиталната трансформација на општеството во Западен Балкан. Тоа ќе го овозможиме со примена на мултисекторски пристап кој се соочува со главните предизвици што ни претстојат, развојот на дигиталните вештини вклучително и кај жените, развојот на поврзаноста и инфраструктурата, мобилизацијата на јавната администрација и е-владата, јакнењето на нашата отпорност и компјутерска безбедност. Имаме намера да ги намалиме цените со ЕУ и тоа ќе го направиме во следните месеци, рече еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел.
Дигитализацијата, според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски треба да придонесе за зголемување на работните места, на платите во регионот, на подобрување на услугите, индустриите, образованието и на намалување на корупцијата
Како што рече тој на Самитот е дадено ветување дека заедно ќе работат на намалување на цените на роамингот во регионот и со земјите од ЕУ. – Ја изразивме нашата заложба за воспоставување регионален дијалог со повеќе засегнати страни, со операторите, ИТ компаниите и организациите за заштита на потрошувачите, поддржани од страна на Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија, се со цел да се постигне усогласеност со моделот ЕУ роаминг како дома, рече Манчевски.
Од Скопје се испрати порака за следните два самита, во Софија и Лондон, дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. – Не чека многу работа, но доколку постои политичка волја, а конечно постои, тоа ќе се постигне. Дигиталниот самит во Скопје е само една од потврдите за тоа, наведе Манчевски.
Според министерот за надворешни работи Никола Димитров, агендата на Самитот е поврзана со една од шесте иницијативи кои се дел од Стратегијата промовирана од претседателот на ЕК Јункер. – Следниот чекор, Самитот во Софија, ќе го спои овој напор на регионот заедно со земјите членки на ЕУ и се надевам дека ќе има и конкретни резултати, што ќе ги почувствуваат граѓаните, меѓу другото и за роаминг услугите, потенцира Димитров.
На Првиот дигитален самит за Западен Балкан државите од регионот се обврзаа и дека ќе го подобрат пристапот до широкопојасен интернет, изразија подготвеност и иницијатива да работат на активно меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, потписи и печати, како и на олеснување на прекуграничните доверливи услуги . Се обврзаа и на следење на примената на реализацијата на иницијативата за ви-фи на ЕУ за која ЕК донесе одлука за проширување во Западен Балкан.
Заедно ќе работат и на сајбер безбедноста и на имплементацијата на Европската директива за мрежна информациска безбедност. Договорено е и креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи население, како посветеност за подобрување на дигиталните вештини на луѓето кои не се вклучени во образованиот процес. Ќе ја зголемат и регионалната соработката на полето на старт-апи, а со размена на искуства ќе создаваат и заеднички технолошки паркови кои ќе одговараат на критериумите поставени од ЕУ.
Смитот беше заокуржен со дебата за медиумите во дигиталната ера и борбата против лажните вестина во која беше истакнато дека тие се предизвик на традиционалните медиуми.
– Проблемот со лажните вести е што се губи довербата и тоа е најголем предизвик за традиционалните медиуми, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.