Производителите на пролетна зелка бараат да се откупува за 10 денари килограм

Производители на пролетна зелка во селото Сарај, Струмичко, со мирен протест го искажаа своето незадоволство од ниските откупни цени, кои денеска паднаа на 8 денари за килограм. Велат дека оваа откупна цена е неисплатлива и не можат да ги покријат основните трошоци.

– Го повикуваме министерот за земјоделство да дојде тука и да разговараме и да најдеме заедничко решение. Најголем проблем за нас е што је предаваме зелката на откупниот пункт, но цената не е запишана на документот. Ќе ни ја запишат утре, но тогаш е доцна, рече Станислав Пујкиловиќ, прозводител од село Колешино.

И другите производители, кои беа на откупниот пункт во селото потврдија дека откупната цена се движи од 8 до 10 денари за килограм. Бараат во овој период цената да остане на 10 денари за килограм.

– Не пишува на документот по која цена се откупува зелката. Тоа не е во ред. Бараме да се почитуваат неделните цени, а во овој период откупната цена да се стабилизира на десет денари за килограм, рекоа повеќе земјоделци кои со своите трактори чекаа да ја предатат пролетната зелка на откупниот пункт во селото Сарај.

Според трговците во супермакетите во Русија, каде досега најмногу се извезуваше пролетната зелка од Македонија, таа се продава за 15 денари за килограм.

– Јас се прашувам како треба да стигне нашата зелка во Русија ако се откупува по повисока цена. Покрај тоа, нема побарување оттаму за македонската, бидејќи по многу пониски цени набавуваат зелка од Иран и Казакстан. Додека не заврши евтината зелка, тешко дека ќе има пласман за нашата, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.

Според производителите на пролетна зелка, најголем дел од производството се уште не е собрано и според нивните пресметки на нивите има уште околу 60 отсто од вкупното производство.

Инаку, во Струмичкиот регион се засадени околу илјада хектари под оваа култура и се очекува принос од  над 40 илјади тони.