Изживувањето со граѓаните, поигрувањето со нивните судбини, попречување на правдата и злоупотреби на судските процеси беа главна одлика на 11 годишното криминално владеење на ВМРО ДПМНЕ, партија којашто и денес како опозиција продолжува со ниското, приземно ниво на злоупотреба на човечки трагедии.
За ВМРО-ДПМНЕ е несфатливо дека времето кога политиката се мешаше во судството а процесите партиски се нарачуваа и монтираа заврши со заминувањето на таа партија во опозиција. Затоа ВМРО-ДПМНЕ очајнички, ниско и скандалозно се обидува да манипулира и си поигрува со чувствата на граѓаните.
Тоа е ниско, приземно, неодговорно и покажува дека Мицкоски се уште е заробен во погрешните политики на Никола Груевски.
За случајот „Монструм“ како и за останатите судски процеси, надлежни се единствено правосудните органи во Република Македонија. Сите материјали коишто ги поседуваше СДСМ, а кои произлегуваа од незаконското прислушување што со години го правела минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се предадени на Специјалното јавно обвинителство.
Македонија конечно е правна држава со неселективно владеење на правото и секој што направил какво било прекршување на законите одговара за своите постапки. Наместо да се обидува да профитира од трагедии, ВМРО-ДПМНЕ да ги остави надлежните органи целосно и до крај да го расветлат овој случај и сите оние кои биле вмешани во него, да се соочат со одговорност согласно законите.