Спасовски го отвори Генералното собрание на шефовите на полициите на државите од ЈИЕ

Професионалниот развој на полицијата во регионот зависи од ефикасноста на мерките за спречување и борба против прекуграничниот организиран криминал, како и од развивање на регионалните партнерства меѓу полициите и заедниците. Приоритетите и предзвиците се менуваат, но целта на меѓусебната соработка секогаш била зајакнување на безбедноста и стабилноста на земјите што членуваат во одредена група, мрежа, асоцијација.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето пред учесниците на Годишното собрание на шефовите на полициите на државите од Југоисточна Европа што од денеска се одржува во Охрид.

– Регионалната соработка, добрососедските односи и градењето доверба меѓу нас се клучни елементи за стабилноста на нашите земји и регионот. Тие треба да бидат наш императив независно проблемот со кој се соочуваме. Индивидуалните постигнувања ќе бидат запаметени, но секогаш на прво место мора да се стави тимскиот дух и компактноста што ја покажуваме. Полициските служби од регионот преземаат сопствена иницијатива преку регионална соработка да го докажат постоечкиот капацитет на земјите сами да соработуваат, да ги усогласлат сопствените политики и да придонесуваат кон зголемување на ефикасноста во справувањето со предизвиците како организираниот криминал, тероризмот и подобрување на безбедносната ситуација во регионот, рече Спасовски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски од своја страна укажа на околностите предодредени од економскиот и социјалниот напредок кои значително ја зголемуваат потребата од меѓународната полициска соработка и институциите задолжени за заштита на општествените вредности. Тој предупреди дека речиси сите фактори што го придружуваат растечкиот напредок како урбанизацијата, брзиот транспорт, подобрените комуникации, развојот и интегрирањето на меѓународен пазар придонесуваат кон зголемување на меѓународниот криминал, отворајќи нови можности во зголемување на мобилноста на криминалците, транспортирањето илегални супстанци и организирањето комплексни заговори.

– Сериозниот и организиран криминал во Република Македонија се манифестира со делување на организирани криминални групи на национално и меѓународно ниво, во една или повеќе криминални области заради остварување финансиска и материјална корист. Растечкиот тренд на организираните криминални мрежи и диференцијацијата на нивните активности резултира со нивно навлегување во сите општествени сфери, така што претставуваат сериозна закана за владеењето на правото и општетвото во целина, рече Велковски.

Структурата на заканите укажува дека тие преставуваат променливи, динамични, асиметрични и комплексни безбедносни појави кои ги надминуваат  можностите за ефикасен одговор и заштита од само една држава или институтција и оттаму потребата од искористувањето на предностите што ги нуди регионалната и меѓународна соработка во справувањето со криминалот.

Според националната процена на закани од сериозен и организиран криминал, во периодот од 2015 до 2017 година во земјата се идентификувани 46 организирани криминални групи што делуваат на национално и на меѓународно нивно и тоа најмногу во илегалната трговија со дрога, криумчарење мигранти, насилен и сериозен криминал. Во првите девет месеци минатата година се сузбиени шест организирани криминални групи во кои делувале 45 лица.

Асоцијацијата на шефови на полициските служби на ЈИЕ (СЕПКА) е основана како непрофитабилна организација во 2007 година, реформирана како највисока полициска професионална мрежа составена од директори на полициите како претставници на националните полициски власти. Нејзина основна цел е да ги подобри директната комуникација на директорите на полициите заради постигнување високи стандарди во полициското работење, овозможување безбеден живот на граѓаните и што попрофесионално искористување на инструментите во полициското работење.