Обраќањето на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ и заменик претседател на Европската комисија Федерика Могерини го проследија народни избраници од сите пратенички групи, премиерот Зоран Заев, претставници на верските заедници и првите луѓе на правосудството. Во галеријата на пленарната сала беа сместени бројни претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Високата претставничка беше придружувана од евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој обраќањето го проследи од пленарната сала.
Могерини во својот говор употреби метафора за интеграцијата на Македонија споредувајќи ја со видео игра. Повтори дека е добро што Македонија се вратила на вистинскиот пат и дека позитивната препорака е достигнување не само на Владата, туку и на опозицијата, но и на претседателот и другите институции. Таа не пропушти да ги спомене и граѓаните.
Оваа седница ја водеше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, поради посетата на претседателот Талат Џафери на Турција. Со ваквите седници на кои има обраќања на високи претставници, државници и гости од странство многу години наназад претседавал првиот човек на Собранието. Во минатиот собраниски состав, пленарните седници секогаш ги водеше тогашниот претседател Трајко Вељаноски, додека сега по изборот на потпретседателите, Џафери понекогаш го менува и седниците ги води Мисовски.
На обраќањето на Могерини присуствуваа најголем број од пратениците. Дел од оние кои отсуствуваа се на службени патувања и тоа како дел од собраниската делегација која го придружува Џафери во Анкара, а Комисијата за европски е во посета на Софија. Во салата можеа да се видат претставници од сите пратенички групи. Меѓу нив и Мендух Тачи од ДПА, кој ретко доаѓа на седници во Собранието, но и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа од притвор заради насилствата во Собранието Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски…
Освен премиерот Заев, обраќањето на високата претставничка на ЕК во пленарната сала го проследија и министрите во Владата и некои од замениците министри.
Обраќањето на Могерини, кое е прво досега, од првиот ред каде седат поканетите гости го проследија и претставниците на МПЦ – ОА, на Католичката црква, на ИВЗ, Еврејската заедница…, потоа првите луѓе на Републичкиот судски совет, на Уставниот суд, на Врховниот суд, на Јавното обвинителство на Република Македонија, на МАНУ и други.
Иако поканети на седницата не присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, како и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Бројни медиумски екипи од Македонија, но и од околните земји го следеа обраќањето на Могерини, кое во живо беше пренесувано на Собраниската веб-страна, но и на веб страната на каналот на Европската комисија (Ebs lıve), како и вчерашната прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
За време на посетата и обраќањето на Могерини, пред Парламентот беа собрани десетина граѓани со транспаренти кои протестираа за случајот со малиот Алмир. Полициското обезбедување беше на повисоко ниво од вообичаено, а паркингот пред Собранието не можеа да го користат пратениците, како секој ден, туку тој беше наменет само за возилата на претставниците на дипломатскиот кор. Пратениците денеска беа принудени своите возила да ги паркираат на околните паркинзи.