Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко вечерва на прес-конференција ги објави првичните неофицијални резултати од гласањето на Локалните избори 2025 година.
Од досега обработени 92,05 отсто од гласовите и податоци од 3 262 Избирачки места од вкупно 3 474, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата водат во вкупно 55 општини, Коалицијата ВРЕДИ во 8, СДСМ и Коалицијата во 7 и Националната алијанса за интеграција во 5.
Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ водат во Аеродром, Берово, Битола, Босилево, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Конче, Кратово, Маврово и Ростуше (нема цензус), Македонска Каменица, Македонски брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Штип.
СДСМ и Коалицијата водат во општините Богдацни, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Лозово, Росоман и Центар.
Кандидатите од Коалицијата Вреди според досега обработените податоци водат во општините Арачиново, Боговиње, Дебар, Желино, Сарај, Теарце, Тетово и Чаир.
Кандидатите на НАИ водат во општините Врапчиште (нема цензус), Гостивар, Липково, Пласница и Чашка.
Кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски води во Куманово, Курто Дудуш од Унијата на Роми во Шуто Оризари. Во Струга и Студеничани водат независните кандидати Менди Ќура и Азем Садики.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Општинските изборни комисии првичните резултати од изборите треба ги објават во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори и се истакнуваат на огласна табла во општината и се соопштуваат на јавните гласила.
Изборната комисија на Град Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од општинските изборни комисии за Градот Скопје и ги истакнува на огласна табла во Градот Скопје и ги соопштува на јавните гласила.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите, ДИК ги објавува за секоја општина поодделно.
Конечните резултати од изборите, ОИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се вршат по мнозинскиот изборен модел, а изборите за членови на советите по пропорционален модел, во еден круг.
Вториот круг од локалните избори ќе биде одржан на 2 ноември.