Македонија ќе биде домаќин на на глобалниот енергетски дијалог. Од 28 до 30 октомври во Скопје ќе се одржува Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) чија тема годинава е „Од цели кон акција: енергија за иднината“.
Учесниците ќе дискутираат за енергетска поврзаност и регионална соработка, енергетска безбедност и стабилност, праведна енергетска транзиција и меѓународна соработка и инвестиции.
-Од Скопје почнува нова етапа на партнерства за енергетска иднина. Форумот ќе биде платформа за конкретни политики и стратегии за забрзување на глобалниот напредок кон одржлива енергија, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на брифинг со новинарите.
Организатори на Форумот се Министерството за енергетика, УНДП Македонија и пет регионални комисии на ОН: UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA, ESCWA. Се очекува присуство на преку 300 учесници – министри, експерти, академици и претставници од приватниот и граѓанскиот сектор.