Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими претседателот на Уставниот суд на Република Косово, Неџми Реџепи и уставните судии Јетон Битиќи, Енвер Пеци, Ремзије Истрефи-Пеци, Бајрам Љатифи, Сафет Хоџа и Ветон Дуља, кои се во посета на македонскиот Уставен суд, придружувани од нивните македонски домаќини, претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски и судијката Ана Павлова- Данева.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, на средбата, уставните судии ја запознаа со континуираната и плодна соработка на косовскиот и македонскиот уставен суд, денеска крунисана со потпишување на Меморандум за разбирање.
Посетата помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство, за научените лекции, како и за уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда, се наведува во соопштението.

Судиите од Косово ја запознале претседателката со работењето на судот во изминативе 16 години, потенцирајќи ја неговата клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста, човековите слободи и права, поделбата на власта, фер и демократските избори. Според нив, врзаноста на Уставниот суд на Косово за директната примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, му дава европски карактер, заради отвореноста и заснованоста врз општопознатите меѓународни стандарди и можноста за широка интерпретација на правото. Тие посебно се осврнаа на судската пракса насочена кон гарантирање на родовата еднаквост, во духот на Истанбулската конвенција.
Претседателот Дарко Костадиновски ги презентирал досегашните чекори во соработката, оценувајќи ја како исклучително важна, а судијката, Ана Павлова- Данева изразила став дека релативно кусото косовско уставно-судско искуство, за разлика од долгото македонско искуство, чиј почеток е во 1963 година, не е хендикеп, туку е предност, заради заснованоста на најдобрите уставно-правни практики.

Како што се наведува во соопштението, Сиљановска-Давкова, високо ја оцени работата на косовскиот Уставен суд, којшто иако е најмлад во регионот, одигра важна улога во заштитата на Уставот, законите и човековите слободи и права. Таа изразила посебен интерес за уставната пракса поврзана со широката надлежност на судот, во која е вклучена и: обврската на претседателот на Собранието да го достави амандманот до Уставниот суд, пред да биде усвоен во Собранието; оценката на изборите и референдумите, како и на одлуките за вонредна состојба и уредбите со законска сила. Исто така, за неа е позитивно решението со кое во кругот на овластени иницијатори на уставно-судска постапка се вклучени граѓаните, со нивното право да покренат уставна тужба. И уставно загарантираната контрола на одлуките за воведување на вонредна состојба и уредбите со законска сила, е голем демократски чекор, што, за жал, не се случи кај нас по завршувањето на Ковид кризата.
Укажувајќи дека уставната правда е темел на правниот поредок, таа ја истакнала потребата од продлабочување на комуникацијата меѓу двата суда, но и нужноста од регионалната уставно-судска соработка, заради унапредување на уставно-судската пракса, подобрувањето на ефикасноста на уставната контрола, како и градење институционална независност преку отпорност на политички влијанија.
На средбата, како што се посочува во соопштението, биле разменети мислења и за политиката на проширување на Европската Унија, за македонскиот евроинтеграциски пат низ призма на конститутивните документи на ЕУ, како и за последиците од билатерализација на евроинтеграциите во регионален контекст.