Муцунски се сретна со министерката за Европа, интеграција и семејство на Австрија, Клаудиа Плаколм

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со министерката за Европа, интеграција и семејство на Република Австрија, Клаудиа Плаколм, која е во работна посета на нашата држава.

– Во фокусот на разговорите беа актуелните прашања поврзани со европската интеграција и напредокот на државата во процесот на пристапување кон Европската унија. Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката определба за членство во Унијата, нагласувајќи ја посветеноста кон спроведување на реформите, унапредувањето на регионалната соработка, добрососедските односи и придонесот кон стабилноста и мирот во регионот, стои во соопштението од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

На средбата, како што се наведува, беше потврдена и континуираната поддршка на Австрија за проширувањето на Европската унија и нејзината важна улога во поттикнување на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Двајцата соговорници ги потврдиле одличните билатерални односи меѓу двете држави, при што изразиле подготвеност за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на продлабочување на трговската и економската соработка.