Плаколм и Грашич со поддршка за разговори меѓу Скопје и Софија за надминување на спорот

Австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич даваат целосна поддршка на дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува дека ќе се случи по изборите, односно по Нова година.

Плаколм и Грашич денеска во Скопје на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговорајќи на новинарско прашање за најавените разговори, но и дали нивните земји ќе се обидат да ја убедат Софија да разговара, нагласија дека во секој случај тие се силни поддржувачите на дијалогот.

-Секако дека сме поддржувачи на дијалогот и Австрија го поддржува процесот на пристапување и ќе поддржиме се што е потребно за да видиме опипливи резултати во преговорите, нагласи таа.

Додаде дека не само во однос на земјава или Западен Балкан, туку воопшто Австрија смета дека билатералните прашања треба да се дискутираат и решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето членките треба да зборуваат во еден глас.

-И затоа сметаме дека токму квалификуваното мнозинство ќе помогне во тоа, додаде Плаколм.

Грашич се надворза дека билатерализацијата на процесот на проширување е секако загрижувачка.

Таа нагласи дека процесот не смее да се блокира со билатерани прашања, бидејќи и на самата ЕУ и се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста.

-Секоја рамка, секој дијалог, кои ќе ги поттурнат Северна Македонија и Бугарија ги поздравуваме и ги поддржуваме, рече таа и изрази задоволство што и Советот на ЕУ и претседателот Антонио Кошта, како и Европската комисија изразиле подготвеност за тоа.