Делегација на Собранието во состав Игор Здравковски, заменик-претседател на Комисијата за европски прашања, Јованка Тренчевска, заменик-претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Силвана Ангелевска, членка на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, учествува на Интерпарламентарна конференција за стабилност, економска координација и управување во Европската Унија (SECG), како дел од Парламентарната димензија на Данското претседателство со Советот на Европската Унија, што се одржа од 28 до 30 септември 2025 година во Билунд, Данска.
Како што информираат од македонското Собрание, во фокусот на Конференцијата биле теми поврзани со актуелните геополитички предизвици и тоа како ЕУ може да ја зајакне својата позиција во светската економија, прашањето како да се финансира безбедноста и одбранбената автономија на ЕУ во светло на тековните геополитички тензии, но и тоа дали фискалните правила на ЕУ се одржливи во новата геополитичка ситуација.

-На сесијата посветена на зајакнувањето на позициите на Европската Унија во светската економија свое излагање имаше Игор Здравковски кој истакна дека прашањето за посилна Европска Унија е еднакво важно и за сегашните земји членки и за кандидатите, кои преку своите реформи и заложби се стремат да придонесат кон заедничкиот европски просперитет. Здравковски посочи дека ЕУ се соочува со сериозни предизвици – побавно економско растење во споредба со САД и Кина, јаз во продуктивноста, демографски пад, како и потребата за справување со технолошките промени и зелената транзиција. Тој додаде дека денес економската сила е неразделно поврзана со безбедноста, поради што конкурентноста и сигурноста мора да се следат заедно. Во тој контекст, проширувањето не е само политичка одлука, туку и морална и геостратегиска одговорност. За Северна Македонија, како што рече, оваа визија не е апстрактна, туку претставува конкретна заложба за споделени вредности, реформи и изградба на посигурна и поконкурентна Европа, се вели во соопштението.
На втората сесија на тема „Како ќе се финансира независноста на безбедносната политика на ЕУ?“ обраќање имала Јованка Тренчевска. Таа истакнала дека стратешката автономија на Европската Унија во областа на безбедноста е од клучно значење не само за Европа, туку и за стабилноста на Западен Балкан.

-За регионот од кој доаѓам, европските инвестиции во безбедност значат зајакната соработка, размена на информации и усогласување со стандардите на ЕУ во одбраната и управувањето со кризи, нагласила Тренчевска.
Во своето излагање таа подвлекла дека проширувањето на Унијата не треба да се гледа само како политички процес, туку како вистинска инвестиција во стабилноста и просперитетот на целиот континент. Тренчевска потенцирала дека Балканот има стратешко значење и не е периферија, туку прва линија на Европа, додавајќи дека Европа не може да гради сигурна иднина додека ги занемарува своите источни и југоисточни порти. Во заклучок, таа порачала дека силна и безбедна Европа мора да значи и стабилен и сигурен Балкан.
Интерпарламентарната конференција, наведуваат од Собранието, ги обедини парламентарците и експертите во дебати за актуелните геополитички предизвици, европската безбедност и одбрана. Се дискутирало за иднината на ЕУ, за актуелната безбедносна состојба, ситуацијата на Блискиот Исток, отпорноста на Европа во услови на глобални кризи, како и за идните чекори во процесот на европска интеграција. Конференцијата има за цел да придонесе за изградба на поотпорна, обединета и ефикасна Европска Унија.