Во Прилеп чествување за Свети Климент Охридски

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто и на Могилата на непобедените, делегација на советот на општина Прилеп предводена од претседателот на Совет Миле Талески и делегација од наставници и ученици од основното училиште „Климент Охридски“ започна чествувањето на празникот „Свети Климент Охридски“ како и 55-годишниот јубилеј на училиштето кое го носи неговото име.

Претседателот на прилепскиот совет Талески честитајќи го празникот, рече дека празникот треба да ни биде мотив за да го развиваме образованието во Прилеп и во Република Македонија.

– Името на Свети Климент Охридски треба да ни биде патоказ за тоа како да го развиваме образованието во Прилеп и во Македонија, да ги следиме трендовите на високото образование, рече Талески.

Професорот по историја Каролина Јовеска говореше за значењето на сесловенскиот епископ Климент Охридски.

– Големо е значењето на Свети Климент Охидски: Знаеме дека бил прв словенски епископ на територијата на Македонија, покрај тоа што бил свештеник, бил и учител. Го основал првиот словенски универзитет, ги подучувал своите ученици да ги пишуваат буквите, го објаснувал нивното значење и сметаме дека како просветни работници ќе го продолжиме неговото дело, рече Јовеска.

По повод чествувањето на празникот, вечерва од 18.30 часот во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи свечена академија.