Мицкоски: Претстојните локални избори се важни за иднината на државата

Визијата „За твоја Македонија“ е визија за силни граѓани, силни општини и силна држава, истакна денеска претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на промоцијата на коалицијата „Твоја Македонија“, која заеднички ќе настапи на претстојните локални избори. 

Со лидерите на политичките партии од коалицијата, посочи тој, усвоиле декларација „За Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“.

– Коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ е убедливо најголемата коалиција која е составена од 25 политички партии, кои се од различен карактер и во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество. Различни структури и припадности што само потврдува дека се обединуваме околу заедничка плаформа што подразбира оезбедување иднина и напредок, рече Мицкоски.

Претстојните локални избори, според претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, се важни за иднината на државата.

– Локалните самоуправи директно се надлежни да ги решаваат проблемите на граѓаните. Не е сеедно каков градоначалник ќе се избере, а ние во изминатиот период покажавме и докажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа. Дополнително во наредните четири години сите општини ќе ја имаат и поддршката од централната власт. Овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за твоето место, твојата општина, да се избере твојот човек, кој ќе се бори за секој еден човек во општеството. Тој човек мора да ги брани интересите на граѓаните и да решава проблеми. Затоа ќе излеземе со понуда и со луѓе кои ќе бидат гласот на народот во администрацијата и општините и ќе работат за граѓаните. Убедени сме дека силата на државата не се мери само преку нејзините институции на централно ниво, туку преку секојдневниот живот во градовите и селата, во општините каде што граѓаните ги остваруваат своите права и ги живеат своите соништа, посочи Мицкоски.

Подвлече дека се решени да изградат општини кои ќе бидат пример за демократско управување, економска ефикасност, културна афирмација и меѓусебна почит. 

– Ќе поттикнуваме политики кои ќе создаваат нови работни места и ќе го зајакнат чуството на економска сигурност во секоја општина. Ќе се залагаме за подобрување на примарната здравствена заштита преку модернизација на амбуланти, подобра опрема на здравствените домови и олеснет пристап до лекарски услуги., Посебо фокус ќе имаат руралнмите средини. Образованието ќе биде клучен инструмент за изградба на генерации кои ќе ја носат  Македонија напред со знаење, вредности и одговорност. Младите се најголемиот капитал на нашата земја. Ќе креираме политики што ќе им овозможат квалитетно образование, можности за спорт и култура и пристојни услови за вработување  Ќе создадеме амбиент за нивен останок во своите општини за да ја градат својата иднина дома во својата татковина Македонија, додаде Мицкоски.

Тој вети дека ќе се борат за чист воздух, упавување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата. Но, и оти, ќе ги втемелат зелените политики во секоја општина за здравје и поквалитетен живот на граѓаните.

– Со верба во својата држава и во својот народ, со љубов кон местото каде што живееме и со доверба во заедничката иднина ние ја потврдуваме нашата решеност да изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава. Држава во која секој граѓанин ќе се чуствува почитуван и сигурен. Во која општините ќе бидат двигатели на развојот, а целата заедница ќе живее во склад, достоинство и надеж. Нашата мисија е генерациите што доаѓаат да наследат Македонија посилна, побогата и постабилна од тоа што ние го затекнавме. Македонија која е дом и иднина за сите нејзини граѓани. Заедно ќе го направиме вистинскиот избор за доброто на сите граѓани, подвлече Мицкоски.