СОСЛУЖЕНИЕ НА НЕГОВОТО БЛАЖЕНСТВО Г. Г. ТИХОН СО АРХИЕПИСКОПОТ
Г.Г. СТЕФАН ВО ВАШИНГТОН
Американската православна црква за САД и Канада, која формално е признаена само од Руската православна црква, донесе одлука да ја признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за автокефалната црква. Одлуката беше донесена на седница на Синодот на оваа црква на 21 мај 2025 година. Таа се однесува на признавање на каноничноста и потврда за целосното општење со архијереите, клирот и верен народ на МПЦ-ОА, особено во САД и Канада. Оваа одлука за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја донесе Православната црква во Америка за време на 21-от Сеамерикански Собор, од 14 до 18 јули 2025 година, во Феникс, Аризона.
По Светата Божествена Литургија беше приредена трпеза за присутните и свечен прием во амбасадата на Македонија во Вашингтон при што беше изразена голема благодарност до Македонскиот амбасадор во САД, Неговата екселенција Зоран Попов.
Оваа одлука беше донесена на барање на Неговата Светост, Патријархот Порфириј од Србија, кој во официјална кореспонденција со Неговото Блаженство побара Православната црква на чело со неговото блаженство г. г. Тихон митрополитот за Америка (САД и Канада), во согласност со Томосот доделен од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија
Инаку, православната црква на Америка е црковна структура настаната од руските иселеници по Болшевичката револуција, а во 1979 година признаена од Руската православна црква за автокефална.
За жал, ниту една помесна православна црква, која денеска е во сослужување со Вселенската патријаршија од Истанбул не го признава административниот статус на Американската православна црква за САД и Канада. Меѓутоа, треба да се нагласи дека канонскиот статус за поголем дел од црквите не е спорен.

Неговите Блаженства г.г. Тихон и г.г. Стефан
Како резултат на тоа, 3 септември 2025 година, во главниот град на САД Вашингтон, Неговото Блаженство г.г. Тихон, Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада, и Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, во катедралниот храм “Свети Николај Чудотворец“ во Вашингтон на Православната црква во Америка, отслужија заедничка Света Божествена литургија. На литургијата сослужуваа многубројни архијереи, свештеници и ѓакони од различни помесни православни цркви од САД и Канада, а молитвено присуствуваше и Митрополитот американско-канадски г. Методиј од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во текот на литургијата, Митрополитот г.г. Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во Диптихот на поглаварите на православните цркви – со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Православната црква во Америка.
Овој настан беше исполнет со духовна радост и на него присуствуваа бројни македонски свештеници и верници од САД и Канада кои со љубов ја споделија оваа историска литургија, со што се означи официјалното воспоставување на полно евхаристиско заедништво меѓу двете цркви: Православната црква во Америка и Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Американско-канадско-македонската православна епархија.
Затоа, овој настан ќе биде запишан како историски ден за Македонската православна црква – Охридска архиепископија и за Македонците во САД и Канада.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН