АРХИЕПИСКОПОТ МИХАИЛ – ЧЕТВРТИОТ ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА – ДЕЛ I (1)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА ДУХОВНО ПОЛЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА  Г.Г. МИХАИЛ

За духовното, националното и црковното живеење на Македонците големи заслуги имаат, пред сè, првиот поглавар господин господин Доситеј, кој особено е вредно за потсетување, бидејќи ја возобнови Македонската православна црква-Охридска архиепископија и од него почна сè. Вториот поглавар господин господин Ангелариј, кој владееше, како високоморална личност воведе ред во Црквата. Додека, пак, третиот поглавар господин господин Гаврил го направи првиот македонски превод на Библијата, кој се користи до денеска.

Меѓутоа, четвртиот поглавар на Македонската православна црква-Охридска архиепископија господин господин Михаил, или како авторот на овие редови му се обраќаше со дедо Михаил, има огромна заслуга за афирмација на духовното живеење во Македонија и во дијаспората, особено во возобновувањето на македонското монаштво. 

Архиепископот охридски и македонски господин господин Михаил (Методи Гогов) беше четвртиот поглавар на Македонската православна црква-Охридска архиепископија по нејзиното обновување. Михаил беше свештеник и вероучител, даровит црковен оратор и мудрец, и остана запаметен по прекрасните беседи. Беше делегат на Првото заседание на АСНОМ, еден е од иницијаторите и организаторите на Иницијативниот одбор за организирање на црковниот живот во Македонија и поборник за возобновување на Охридската архиепископија, професор во Средното богословско училиште и професор и декан на Богословскиот факултет во Скопје.

Напишал повеќе дела и превел богослужбени книги. Беше архипастир со евангелско смирение, со апостолска доследност и со Светиклиментов самопрегор. Тој работеше со ист прегор за градење на единството и угледот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија како дома така и во светот, а беше меѓу првите мисионери во Австралија. Тој е единствениот духовник на кој му било понудено местото претседател на Република Македонија.

Свештеникот Методи Гогов (архиепискот Михаил)  е роден во Ново Село, Штипско, на 20 мај 1912 година, како Методи Гогов од родители Панче и Санда. Toj e eдно од најсветлите и најзнаменитите имиња на древното и легендарно Ново Село, на македонскиот црковeн и духовен дом. Сиот свој живот архиепископот Михаил и’ го посвети на црквата, на религијата, на духовното зајакнување, обединување и возвишување на својот народ и својата татковина – Македонија.

Љубовта и блискоста со Бога почнува од родното Ново Село во црквата „Света Богородица“. Малиот Методи Гогов бил слаб и со кревко здравје, па по желба на неговата мајка Санда, шестгодишното дете редовно ќе ги посетува богослужбите и ќе се грижи за чистотата на црквата.

1e12345

По завршувањето на основното образование во своето родно место, во училиштето во кое голем број личности од македонската историја го добиле своето образование, во 1927 година се запишал на Богословијата во Битола.

По извесно време по завршувањето на Богословијата, во 1932 година заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет, каде дипломирал во 1936 година како најдобар студент во генерацијата. Како авторитет меѓу студентите влегува во редовите на македонскиот кружок за да биде назначен за секретар на студентското здружение на Богословскиот факултет, а го подготвувал и студентското теолошко списание како главен уредник.

По дипломирањето присилно бил мобилизиран во српската војска, при што неколкупати бил осудуван од Воениот суд. Пред војната дошол во Штип и кратко време предавал веронаука во штипската гимназија, но со судска казна за дела против интересите на царот и царска Србија, набргу бил депортиран во Ужице за да предава српска пропагандна веронаука.

Во предвечерието и виорот на Втората светска војна Методи, пак, се вратил во Штип и работел како свештеник во Соборната градска црква „Свети Никола“ во Штип, каде дошол во судир со бугарската власт, па бил принуден да замине во одбрана на татковината.

За време на Втората светска војна, свештеникот Методи Гогов бил учесник во Народноослободителната војна, а при крајот на војната бил член на АСНОМ. Учествувал и во организирањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на почетокот од март 1945 година, на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мировни лица.

Свештеникот Методи Гогов (архиепискот Михаил)   се залагал за самостојност на МПЦ-ОА, па во два наврата одлежал повеќе од шест години затвор. Бил осуден и затворен од тогашната власт поради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. По шест месеци бил ослободен, но за кратко.

На 6 мај 1948 година повторно бил уапсен и осуден на 5,5 години затворска казна. И покрај сите притисоци и закани да се откаже од свештеничкото служење, Михаил останал цврст во своите ставови и продолжил да служи како свештеник во Скопје.

Свештеникот Методи Гогов (архиепискот Михаил)   ќе остане доследен на крстот и мантијата, на олтарот и молитвата, на црквата и Македонија. Но како да се плашеле од неговиот дух, неговиот ум и знаење, па за да се ослободат од него во 1966 година го испратиле да богослужи далеку од Македонија, преку океанот, во Австралија.

Во Мелбурн тој бил свештеник во првата Македонска црква од Македонија „Свети Великомаченик Ѓорѓи Чудотворец“ (Св. Ѓорѓи). Тамошните медиуми го нарекувале поп што лета бидејќи работел и неуморно патувал – ги создавал првите црковни општини во Австралија.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН