Хан-Заев: Македонија ја заслужи безусловната препорака (ДПЛ)

Земјата и граѓаните ја заслужија безусловната препорака. Членките на ЕУ го признаа сработеното. Овде сум за да ги најавам долгоочекуваните добри вести, да го прославиме успехот по долгите напори за надминување на кризата, истакна еврокомесарот Јоханес Хан на предавањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев.

– Земјата помина долг пат и покрај многуте искушенија и сега е цврсто назад на европскиот пат. Има позитивна промена, обновено чувство на отвореност, енергија и надеж. Се чувствуваат добрите вибрации во земјата и тоа треба се надградува, вели Хан.

Истакна дека Македонија е пример за демократска промена во регионот и оти е импресиониран од направеното во однос на итните реформски приоритети.

– Искрено ви честитам Вам, на Владата, Парламентот и на опозицијата за поддршката на оваа национална цел, рече Хан на заедничката прес-конференција со Заев.

И честита на опозицијата за тоа што, како што рече, и таа придонела во насока на остварувањето на оваа стратешка цел на земјата и и порача дека откако се вратила во Парламентот од неа очекува целосна и конструктивна дебата за реформите.

Порача дека реформите не треба да застанат тука, туку да продолжат, особено во судството.

– И покрај тешките предизвици земјата успеа да излезе од длабоката политичка криза. Реформите се спроведуваат на отворен и транспарентен начин, но потребно е да се задржи оваа позитивна насока. Мора да се продолжи, особено во поважните области, како што е независноста на судството. Сепак реформите не подразбираат само носење закони, туку и нивна имплементација, порача еврокомесарот Хан.

Додаде дека Македонија може да стане пример во регионот доколку продолжу посветено да работи на имплементацијата на усвоеното, со што како, што рече, „ќе влеземе во следната фаза на нашиот однос“.

Нагласи дека земјата со политиката што ја води изминатиот период придонесува за мирот и стабилноста во регионот, при што договорот со Бугарија го оцени како мошне позитивна иницијатива и додаде дека целосно го поддржува процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на името.

Премиерот Заев рече дека добиената чиста препорака е силен мотив за достигнување на тешката, но достижна цел – почнување на преговорите за членство во ЕУ.

– Чистата препорака за сите нас е силен мотив за следната тешка, но достижна цел. Одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Самитот во јуни е нашата следна цел. Владата уште поенергично ќе ги води реформите и политичките процеси во следните два месеца, со цел во јуни земјата да добие датум за почеток на преговорите, рече Заев

Врз основа на извештајот на ЕК, како што информира, ќе се утврди нов план за реформската динамика до крајот на 2018, кој најверојатно ќе биде поврзан со имплементацијата на она што досега е донесено.

Тој се заблагодари на земјите од ЕУ кои ја поддржаа Македонија, како и на македонските граѓани, на НВО секторот и на сите други чинители за заедничките напори.

– ЕК го вреднува сработеното. Во изминатите два извештаја поради политичката криза и заробената држава, препораката беше суспендирана и условена со демократски реформи и амбиент. Годинава препораката е чиста и безусловна. Македонија го задоволува основниот демократски критериум за почеток на преговорите, рече Заев.

Нагласи дека интеграцијата во ЕУ ќе значи подобра бизнис клима, повисоки плати, подобар живот.

– Членството во ЕУ и НАТО значи и подобра бизнис клима и повисоки плати и подобар живот. Планот 3-6-9 ги опфати итните реформски приоритети, низ конструктивните политики на Владата и со вклученост на опозицијата во процесите донесовме важни законски решенија, за независно судство, професионални разузнавачки служби, ефикасна јавна администрација. Ќе овозможиме и професионални медиуми и доверливо изборно законодавство, изјави Заев.

Нагласи дека ќе се работи и на обезбедување широк граѓански консензус за решавање на спорот со Грција за името.

Одговарајќи на новинарско прашање на земјите-членки од ЕУ им порача дека со влезот на Македонија ќе добија додадена вредност.

– Ние сме пријателска земја, имаме европска култура, европско минато, европска иднина и можеме да бидеме само позитивна додадена вредност на сите овие убави европски вредности и перспективи, кои секогаш им испраќаат порака на останатите континтети за вредноста на Европа, рече премиерот.

Еврокомесарот Хан за време на престојот во Скопје ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети  и претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *