ПРОМОЦИЈАНА МОНОГРАФИЈАТА “ИСПОВЕД КОН МАЈКА МИ ЉУБА“ ОД ИВАН ТРПОСКИ ВО ОХРИД

Во организација на Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, на 25-ти август оваа година се одржа промоција на монографијата  „Исповед кон мајка ми Љуба“ од познатиот автор Иван Трпоски од Сиднеј, Австралија. Делото е издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, а е отпечатено во печатницста „Ирис“ од Струга. Рецензент на оваа луксузна монографија е  проф. д-р Виолета Ачкоска, а преводот на англиски јазик го направи Ристо Стефов од Торонто.

За ликот и животните постигнувања на Иван Трпоски зборуваше познатиот новинар и публицист Милчо Јовановски, кој, меѓу другото рече дека Иван Трпоски е познат општественик  и творец во Сиднеј,  кој повеќе децении активно е вклучен во повеќе македонски организации каде несебично работи за доброто на Македонците во метрополата на Нов Јужен Велс и пошироко

Во богатата биографија на Иван Трповски се вели дека со поезија Трпоски е застапен во голем број зборници и дека е автор на бројни збирки поезија. Иван е еден од иницијаторите за организирање на манифестацијата „Денови на Македонската култура“ кои се одржаа во Австралија. Членувал во Одборот за дополнителна настава по македонски јазик во училиштето „11-ти Октомври“ во Јагуна и во Просветно-училишниот одбор за Нов Јужен Велс. Членувал во управата на КУД „Вардар“ од Бенкстаун и учесник е на многу протести каде се демонстрираше за Македонија и за македонството. За неговата општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија.

Познатиоот македонски иселеник од Австралија, Иван Трповски од 1978 година е член во Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, како и член во Издавачкиот одбор на списанието „Повод“ и долгогодишен Библиотекар и Архивар во Библиотеката „Григор Прличев“, прва од таков вид надвор од Македонија. Беше дописник на списанието „Македонија“ на Матицата на иселениците од Македонија и во многу други весници и списанија во Македонија и Австралија. Со своја поезија и реферати настапувал на многу собири, со кои го подгревал духот на Македонецот за да опстои на далечните австралиски простори. Со своја поезија учествувал на манифестацијата „Млада Струга“ во 1979 година и на Струшките вечери на поезија во 1987 и 1995 година, каде со своја поезија настапил и на манифестацијата „Мостови“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите од Македонија од 1995 година.

Исто така во биографијата на Иван Трпоски е запишано дека тој е син на Науме и Љуба Трпоски, а е  роден  на 21 јуни 1942 година во село Волино, Охридско, во Македонија. Годините од раната младост ги минал во градежништво, во Кичево и Белград, а меѓувреме бил креатор во културно-забавниот живот на волинци со кои бил иницијатор  за враќање на одземеното селско земјиште.

Инаку, неговото родно Волино е чиста македонска населба која се наоѓа на петнаесетина километри северозападно од Охрид, од западната страна на селото Косел на патот кон Битола, а на источната страна од селото Горенци. Во селото Волино живеат околу четиристотини жители и административно припаѓа на револуционерната Општина Дебрца

Во своето интересно излагање за најновото дело на Иван Трпоски „Исповед кон мајка ми Љуба“, пак,  проф. д-р Виолета Ачкоска истакна дека монографијата е историја на обичниот македонски човек, закоренет на балканската крстосница, во библиска Македонија, која секогаш била на удар на освојувачите, а македонскиот народ подложен на ограбувања и насилства и принуден на миграции. Но, тие тешки времиња под туѓа власт не поминале ни во времето на слободата

Проф Ачкоска  во воведот на монографијата  „Исповед кон мајка ми Љуба“  забележа дека Иван Трпоски спаѓа во возвишените човечки пориви, да се спротивстават на заборавот, но и да ја отворат својата душа. Ова се моменти на исповед на едно искрено човекување кое никого нема да го остави рамнодушен. Истовремено, ова е историја на обичниот македонски човек, закоренет на балканската крстосница, во библиска Македонија, која секогаш била на удар на освојувачите, а македонскиот народ подложен на ограбувања и насилства и принуден на миграции. Но, тие тешки времиња под туѓа власт не поминале ни во времето на слободата. Во тоа време на воведувањето во брзите општествени промени најголемата жртва било македонското селанство, изложено на насилници од власта.

Во неговата исповед Иван Трпоски, уште еднаш, поминува низ попатните станици од неговите животни врвици, низ кои, од едната страна ќе се соочите со искреноста, работливоста, чесноста, пожртвуваноста на луѓето, но од другата страна, со лицемерието, алчноста, кодошлакот, безчуствитеноста. Така, низ навраќањата на времето на неговото детство и рана младост, ја откриваме и историјата на менталитетот на македонскиот човек, која не е поврзана само со околностите туку и со вградениот ген кој секој си го носел во себе си. Иван, како и неговата мајка Љуба, длабоко се разочаруваат во многу блиски луѓе од кои очекувале подадена рака во тешки моменти, но биле сведоци на спротивното.

Посебно тажни страници, Иван испишал за прераната смрт на својата страдална мајка Љуба, која починала под товарот на тешкиот живот, на 46 години, оставајќи дел од децата сѐ уште неизведени на пат. Таа била главниот столб на куќата – жена-родилка, жена-негувателка, жена-аргатка, жена-економ, жена хранителка, жена-чувар на огништето. Всушност, преку Љуба и нејзината макотрпна животна борба, може да се проследи и историјата на македонската жена, во средината, во која не смеела да ги пречекори границите на патријахалното време, но без која куќата останувала испустена, а домаќинот речиси без раце. Така се случило и со таткото на Иван, Наум, кој морал да бара нова другарка и домаќинка.

Ivan T2 copy

Прераната смрт на мајката оставила длабока рана во душата на Иван, незалечена до денешен ден. Тој таа рана ја носи таму, преку океанот, во далечната Австралија и си дава оддушка на болката пишувајќи поезија за родниот крај, за неговата Македонија, во која грее саканото Волино и каде почиваат неговите 4 најблиски и неговата непрежалена мајка. Со премногу тага, љубов и болка се нижат дваесеттина песни за мајката и печалбарчето, за нејзините силни пораки, не само со збор, туку и со дела, дека животот е борба и дека никогаш не смее да се предаде, но пред сѐ, да верува во божјата помош. Така, во „Сонет стихови посветени на мајка ми Љуба“, Иван ги пренесува нејзините зборови

Во ИСПОВЕД КОН МАЈКА МИ ЉУБА, Иван Трпоски уште еднаш блеснува како извонреден патеписец, пренесувајќи нѝ слики на селски пејсажи од родниот крај, заедно со родната куќа и со предметите кои некогаш служеле на домаќинството, со нивните архаични називи кои полека исчезнувале под налетот на модернизацијата. Така, домашното огниште со годините било заменето со печка, па со шпорет, а рогузината на која спиеле најпрво ја замениле со дрвени, а потоа со железни кревети. Низ приказната тече и процесот на распаѓањето на големите патријахални заедници и нивна поделба на индивидуални семејства. Истовремено, се нижат бројни патувања и посети на места и земји на различни меридијани, кои на посебен начин го збогатувале неговото животно искуство.

„Исповед кон мајка ми Љуба“  е книга на тажни спомени и радосни мигови на успеси во животот, успеси на еден човек кој бил принуден да ја напушти Македонија, но кој духовно секогаш останал врзан со папочната врвца за својата мајка и мајковина, за на крајот, во тегла да однесе грст земја од родната градина, на другиот континент, оставајќи аманет со таа земја да биде посипан неговиот кофчег кон вечното почивалиште. Таа грутка земја, всушност, на најсимболичен начин ја одразува непресушната љубов на Иван кон својот роден крај, кон корените кон мајката Љуба и кон Македонија.

slavek 1 copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН