ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Нашето патување за Карибите го започнавме со, бродот „Волшебник на морињата“, кој е најголемиот патнички брод во светот, сопственост и управуван од „Royal Caribbean International“. Заедно со неговата сестра – бродот „Оаза на морињата“, тој го држи рекордот за најголем патнички брод некогаш изграден, симболично 50 милиметри ( 2,0 инчи) е подолг од сестрата брод „Оаза“ со кој имаат идентична градба.
Според податоците што ги добивме, бродот бил изграден во пристаништето Турку во Финска во 2008 година, а по пристигнувањето во Флорида бил крстен како „Волшебник на морињата“ од неговата кума принцезата Фиона на 28 ноември 2010 година. Бродот е огледало на современото живеење, на софистицирана опрема што пружа удобно живеење и престој.
Во бродот, покрај другото, има театар за 1.400 посетители, големо казино, место за претстави на вода, ресторани, продавници, детска градинка, голф клуб, сала за вежбање, козметички салони и други простории, каде човек се чувствува како да е во голем град. Просто човек не може да поверува дека бродот е долг 362 м, широк 60 м, висок 72 м (има 16 ката), тежок е 250.000 тони, и може да развие брзина од 42 км на час. Ние во бродот бевме едни од 6.300 патници заедно со 2.300 екипаж и послуга. Интересен е податокот дека бродот чини околу две милијарди долари.
Уште од првиот ден од престојот на бродот, кога ни ја одредуваа масата за ручек, не поведе една млада и убава дама, навидум како Украинка или Србинка. Кога ја прашавме од која земја е, таа ни одговори дека е од Македонија. Беше неверојатно, но вистинито и кога £ прозборивме на македонски и £ѝкажавме дека и ние сме од Македонија, таа се изненади и се возбуди, но во исто време се одушеви дека гледа гости – Македонци.
Таа млада штипјанка со топлина и професионалноство во своето однесување, си даде слобода да поразговараме. Нè информира дека на бродот работат 14 лица од Македонија, кои таа веднаш ќе ги информира и дека ние сме трет пар од Македонија кој бил на крстарење на овој голем и скап светски брод.
Бродот како објект беше навлегол длабоко во Карипското Море, меѓутоа, за нас патниците тој беше една голема морска населба. Се шетавме по сите значајни и интересни катови, со цел поскоро да се запознаеме со сè она што бродот поседува. Бројни продавници, ресторани, казино и други објекти беа сместени во средината на бродот на петтиот кат, кој според големината и изгледот се чувствувавме како да се наоѓаме на Широк Сокак во Битола.
Навистина, така изгледаше таа бродска улица. Потоа ги посетивме театарот, просторот за претстави на вода, но најмногу време посветивме на неколкуте базени за возрасни и за деца и на огромните по големина џакузи, кои се наоѓаа на 16. кат. Над овој рекреативен центар имаше огромна тераса од каде како на дланка ни беше непрегледната морска шир. Тоа беше местото за сончање, одмор и рекреација, каде човек се чувствува како да е на Копакабана во Рио.
Патувањето од два дена и две ноќи не го почувствувавме, бидејќи имавме вистински, топли, романтични, летни периоди исполнети со многу активности, гурмански седенки, музика…Притоа, глетката од бродот ја збогатија десетината делфини кои во непосредна близина на бродот скокаа во водите, со цел да ја постигнат брзината на движењето на „големата риба“. Но, откако бродот се покажа дека е побрз од нив, тие како да се изгубија во длабочините на морската вода.
Беше утро кога стасавме во монденското пристаниште Лабади (Labadee) на островот Хаити, во најсиромашната земја на светот. Бевме информирани дека од сигурносни причини летовалиштето е заградено пристаниште и се користи исклучително за американските патнички бродови. Таму не пречека домородна музика составена од свирачи кои свиреа музика со јужноамерикански мелос. На прекрасната плажа од неколку километри екипата на бродот, со одреден број вработени од Хаити ни обезбедија услови за одмор, рекреација и гурманство како да сме на „Волшебникот на морињата“, кој се вишнееше недалеку од плажата.
Патниците од бродот се сончаа, капеа, јадеа и пиеја, а одреден број се забавуваа на долгата жичарница, поминувајќи од ридот преку плажата до крајот на заливот. Тие се спуштаа поединечно во специјални седишта, со голема брзина, предизвикувајќи лично одушевување и возбуда кај капачите. Помала таква жичарница имаше и за децата и пострашливите.
Во попладневните часови сите патници се вратија во бродот. Од сигурносни причини сите поминавме со посебните бродски легитимации преку софистицирани инструменти. Изморени од дневните активности, не почувствувавме кога во ноќните часови бродот заплови кон Јамајка.
По два дена и две ноќи стасавме во пристаништето Фалмаут (Falmouth), кое се наоѓа на северната страна на островот. И тука излеговме од бродот и денот го поминавме во пристанишниот град. Таму имаше бројни дуќани, ресторани и други објекти за да ги послужат патниците од бродовите со различни сувенири, златни предмети, туристичка облека и друго. И тука, сите патници се прибраа во вечерните часови.
Ја напуштивме Јамајка и бродот нечујно заплови во Мексиканскиот Голф кон пристаништето Козумел (Cozumel) во Мексико. И до Мексико беа потребни две ноќи и еден ден за ја допреме земјата на Маите. Таму можевме слободно да излеземе од бродот, каде бевме пречекани со оркестар кој со мексиканска музика ни посака добредојде. Ова значајно пристаниште ни беше дозволено да го посетиме од утринските часови до доцна во ноќта.
На самото пристаниште имаше стотина различни продавници за сувенири и други производи. Од централниот дел на пристанишното гратче, каде, исто така, се слушаше мексиканска музика, беа наредени безброј автобуси и други возила кои со туристи од бродот заминуваа до различни туристички еднодневни дестинации во Мексико.
После прошетката до дел од пристаништето и една католичка црква се вративме во бродот, со цел да гледаме како сонцето зајдува во далечините на земјата на Маите, што е специфичен момент за пристаништето Козумел. Од најгорниот кат на бродот од просторот за рекреација се гледаа повеќе мексикански населби, над кои сонцето, кое ние го нарековме „Македонско сонце од Палатица – Кутлеш“, зажарено како да е вулкан се спушташе во непрегледните далечини. Глетка што остави силен впечаток кај голем број туристи на бродот.
Доцна во вечерните часови не почувствувавме кога бродот го напушти мексиканското пристаниште и се упати кон Вест Ки, кон Флорида. Исто така, по две ноќи и еден ден во Мексиканскиот Голф, во утринските часови стасавме во Форт Лодердел, правејќи круг околу Куба во должина од околу 2.400 км. На картата гледавме дека сме недалеку од Хавана, главниот град на Куба, кој порано го имаме посетено и сме се увериле дека тој е изолиран и осиромашен остров во Карипското Море, кој ја чека својата светла иднина.
После седум дена и седум ноќи поминати на морската, непрегледна шир пристигнавме на почетната пристанишна станица на Форт Лодердел, од каде другиот ден нови 6.300 патници требаше да ги уживаат сите удобности и убавини на бродот. Ова патување, секако, ни беше едно од најубавите, највозбудливите од кое понесовме безброј трајни спомени.
На Флорида останавме уште една недела, кога и се посветивме на бројните македонски пријатели од северните држави на САД и Канада, кои, особено во зимскиот период се преселуваат во јужните предели.

Мексико
Беше сабота кога во утринските часови ја напуштивме Јужна Флорида и се упативме со џипот на нашите домаќини Лили и Стив Плиакес кон север, кон Торонто. Беше планирано да патуваме два дена, а една ноќ да преспиеме во некој мотел на автопатот. Долгото патување од Авентура го започнавме по автопатот број 95 кој води од јужниот до северниот дел на САД.
Го поминавме излезот на автопатот каде одевме на пикниците, а потоа стасавме во непосредна близина на Македонската православна црква „Свети Димитрија“, за која не врзуваат многу спомени и промоции на книги. По неколку часа го поминавме Ормонд Бич, каде претходно ја посетивме компанијата „Мајкрофлекс“ на браќата Јосиф и Џорџ Атанасоски и се упативме на север кон Џексонвил што е на границата меѓу Флорида и Џорџија.
Возењето беше удобно во кое имавме долги разговори за животот, активностите и постигнувањата на Македонците во Флорида. Затоа, по подолг период возење ја напуштивме Флорида и влеговме во државата Џорџија, американска држава со исто име како и азиска Џорџија (Грузија). Никој не рекол, не напишал ништо и не е против за истото име на двете држави, како што, за жал, е случајот со Македонија и јужниот сосед.
Километрите си поминуваа а ние гледавме голем број карактеристични места, простори, градови… Затоа и патувањето до Јужна Каролина, а потоа до Северна Каролина ни го исполни целиот ден. Тука се сместивме во еден мотел за да се одмориме, бидејќи другото утро нè чекаше да почне уште еден напорен ден на патување преку државите Вирџинија, Пенсилванија и Њујорк до Нијагарските Водопади во Канада. Притоа, треба да се нагласи дека е тешко човек да препознае во која држава во САД се наоѓа, доколку не ја види таблата на автопатот, бидејќи не постојат гранични нишани меѓу државите во САД.
Граничниот премин меѓу САД и Канада беше формален и веднаш влеговме на мостот кој ги дели овие две американски држави. Од далечините ги гледавме Нијагарските Водопади и се потсетивме на нашите поранешни посети на ова чудо на природата. Се упативме по автопатот кој води низ рамничарскиот дел на Онтарио, кој, со своите лозови полиња наликува на Кавадарци и Неготино.
Во вечерните часови стасавме во Торонто, во втората македонска престолнина, како многумина нашинци го нарекуваат овој велеград. Таму останавме уште две недели, а потоа со австриската компанија се упативме кон Виена и продолживме за Скопје, за да го заокружиме нашето најдого патување.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН