Славески: Со раст од 5 до 6 отсто годишно, Македонија може да го преполови времето за конвергенција со ЕУ

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески вели дека со одржливи стапки на економски раст од 5 до 6 отсто годишно, земјава може значително да го скрати времето потребно за економска конвергенција со Европската Унија – од неколку децении на 15 до 20 години. Гувернерот оценува дека, иако растот во првиот квартал бил предводен од потрошувачката, позитивните сигнали од инвестициите, извозот и индустриското производство укажуваат на можност за повисоки стапки на раст во следниот период, со напомена дека светските ризици и натаму се значаен фактор.

-Според сегашните податоци, БДП по глава на жител кај нас е на ниво од 42 отсто од просекот на ЕУ. За побрзо затворање на тој јаз е потребен значително повисок раст од европскиот. Само со повисоки стапки на раст може да се движиме кон економска конвергенција, нагласува гувернерот Славески во интервју за „Њузмакс Балканс“.

Тој појаснува дека клучот е во структурните реформи и продуктивните инвестиции – особено во човечки капитал, технологија, образование, здравство и инфраструктура – што би овозможило раст над потенцијалот од околу 4 отсто годишно.

-Ако успееме да остваруваме раст од 5 или 6 отсто, што е амбициозно, но остварливо, ќе можеме значително побрзо да ја постигнеме економската конвергенција со ЕУ, посочува Славески.