СЕ ОДРЖАА „52-ТЕ ЉУБАНСКИ ИЛИНДЕНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ СРЕДБИ“

На најголемиот празник Илинден, Македонците од Љубојно, заедно со сите браќа и сестри од Преспа, етничка Македонија и иселеништвото ширум светот, со гордост го истакнуваат своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок.

Тоа е резултат на фактот дека на првиот Илинден се случиле бурни и драматични настани, а и во текот на окупацијата Љубојно било едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија, како и место каде започна првото училиште на македонски јазик во Преспа

Илинден е најголемиот ден на слободарскиот дух од сите денови и празници на Македонија.  Затоа, На Илинден во Љубојно се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што се собираат, притоа доаѓаат бројни иселеници од прекуокеанските земји, од Европската Унија, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница, Крани, Наколец и Долно Дупени, како и голем број повратници од Преспа,  Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа.

Овогодиштата манифестација „Љубански илинденски иселенички средби“ се одржува на 1-ви и 2-ри август по 52-ри пат. Таа е значајна културна манифестација не само за Љубојно и Преспа, за иселениците од целиот свет, туку и за Република Македонија, како втора иселеничка манифестација по средбата во Трново, Битолско Во изминатите години на илинденското успешно организирање во Љубојно продефилирале голем број културно-уметнички друштва, музички ѕвезди, литературни дејци, уметници и други културолози.

Манифестацијата „Љубански илинденски иселенички средби“ започна да се организира уште на Илинден 1974 година. Тогаш за прв пат музичка група свиреше пред црквата „Свети Илија“, во која по традиција голем број Љубанци одат на Илинден во предпладневните часови да присуствуваат на црковната богослужба. Таа прва веселба на Илинден 1974 година беше спонтано прифатена од Љубанци со аманет секоја година тие да се веселат на Илинден пред црквата „Свети Илија„ и потоа прославата да продолжи на „Полена“, во Центарот на Љубојно.

Во почетокот средбите во Љубојно имаа карактер во вид на панаѓурска прослава, но како одминуваше времето манифестацијата прерасна во значајна илинденска прослава и културна печалбарска средба. Така, во последните триесетина години средбите почнувале на 31 јули вечерта, со играорни и пејачки групи од разни краеви на Македонија, од поранешна Југославија, Мала Преспа, како и уметнички друштва на Македонците од Австралија, Канада, САД и Европската Унија.

Во изминатите педесетина години, пак, во организирањето на Љубанските средби се вклучиле бројни иселеници и мештани на Љубојно. Покрај претставниците на Месната заедница од Љубојно и љубанци, големи заслуги имаат имаат: фестивалот „Илинденски денови“ од Битола, Општината Ресен, поранешната Матица на иселениците од Македонија, денес Агенцијата за иселеништво на Република Македонија,  бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи, културни работници, ентузијасти, медиумите во Македонија и во дијаспората, како и голем број вљубеници во Љубојно и нивни пријатели, особено „Љубојно промет“ кое со своето учество дал значаен прилог и придонес средбите да бидат богато организирани, масовни, да имаат поширок карактер и да бидат вечни.

kozumel4

Посебно треба да им се оддаде признание на долгогодишните организатори Владо Пашариковски, Бошко Рајчовски-Пелистерски, на Славе Катин кој организирал бројни презентации и промоции на свој публикации,  на музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски, како и на Васил Томулевски и неговите предходници од Месната заедница во Љубојно.

Овогодишните „Љубански илинденски иселенички средби“, кој беа во организација на Одоборот на средбите на чело со Васил Томулевски, се организираа по 52 –ти пат. Така, на 1-ви август, на  гостите им се обрати градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски и амбасадорот на Австрија, господинтт Мартин Памер, а потоа  настапија фолклористите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола. Вечерните часови беа резервирани за позната естрадна група „Љубојна“, која со својот репертоар остави силен впечаток кај посетителите, чија забава се одржа на „Полена“.

На 2-ри август, пак, на денот Илинден, во манастирската црква „Свети Илија“, пред голем број посетители се одржа света богослужба на која чинодејствуваше прота Пепи Пузовски. Потоа беше одржан верски обред и беше положено цвеќе од страна на Бошко Рајчовски-Пелистерски пред Споменикот на паднатите борци од Илинден  пред куќата на Калајџиовци. Од таму малиот број посетители се упати во посета на вечните почивалишта на Љубанци во централната цеква „Свети Јован“.

Илинден како ден на востанието на македонскиот народ е ден и на Љубојно и околните села, Брајчоно. Долно Дупени, Наколец, Штрбово, Крани и Арвати, како и Селата во Долна Преспа во егејскиот дел на Преспа и Мала Преспа во Албанија.

Затоа сметаме дека иселеничките средби нетреба да имаат карактер во вид на панаѓурска прослава, туку тие треба да ја зачуваат својата културно-иселеничка содржина со поголем ангажман на Собранието на Општина Ресен, во врска со забавениот граничен премин „Маркова Нога“, на Министерството за култура со заборавената реконструкција на училиштето „Димитар Влахов“ и Агенцијата за иселеништво, со зголемување на ангажманот со македонските иселеници ширум светот, се’ со цел да се зачуваат „Љубанските илинденски иселенички средби“, кои треба да продолжат да бидат вечна манифестација за етничка Македонија.