Странскиот печат за Илинденското востание: „Целта на Македонците е автономна и независна Македонија“

-Во август 1903., и следните месеци, печатот ширум целиот свет известува за Илинденското востание. Имено, за време на, пред и по востанието, написи се појавуваат во секој дел од нашата планета. Почнуваме со весникот „Њујорк тајмс“ (The New York Times)…

На 11 август 1903., американското гласило пишува дека „Македонците се концентрираат“ во Битолскиот вилает. Во веста се нагласува дека „Македонскиот револуционерен комитет“ соопштил дека само во Битолскиот округ (т.е. вилает) има 8.000 востаници; 600 од нив – потпомогнати од селаните од Другово, ги разбиле турските одреди кај гратчето Кичево, но не успеале да го заземат, како и дека турските трупи ги уништиле селата Смилево, Крушје и Болно близу Битола.

Македонската револуционерна организација (МРО, т.е. во тој миг ВМОРО) како тајна и нелегална организација, во странскиот печат е наречена со разни имиња. Во следниот пример, претседателот на бугарската Влада, Рачо Петров, говори за „Македонскиот внатрешен комитет“, според „Њујорк тајмс“ од 16 август. 

Имено, бугарскиот премиер нагласил дека „Востанието е целосно национално македонско движење, организирано од ‘Македонскиот внатрешен комитет’.“ Тоа, вели изворот, ја покажала и сета жестокост на несаканите собитија во коишто турските војници ги пљачкосувале и ги уништувале македонските села. Тој цитат на бугарскиот државник го гледаме и во други западни весници.

И францускиот весник „Лe насионал илустре“ (Le national illustré) објавува фотографии и сведоштва од „Македонското востание“, во септември 1903 година. 

Натаму, британски „Дејли њуз“ (The Daily News) пишува за сложената геополитичка состојба којашто, секако, е поврзана и со Македонија. Тука читаме:

„Ова е еден темен облак, од чиешто средиште доаѓаат криците на масакрираните мажи и жени, како и превирањата во борбата во којашто ниту се бара, ниту се дава заштита. Има многу страни во борбата – Бугари, Македонци, Срби, Албанци, Грци и Турци.“

И на Хаваите се пишувало за македонското востание. Веста за 8.000 востаници на 11 август е пренесена и во „Хаваијан стар“ (The Hawaiian Star), издаван во главниот град на идната островска американска сојузна држава. Во написот се додава дека Македонците бараат гарантирано спроведување на Договорот од Берлин, т.е. човекови права и поголема автономија.

Исто така, хавајскиот „Хило трибјун“ (Hilo Тribune) неколку месеци претходно пишува дека целта на Македонците е автономија.

Од друга страна, пак, љубљанскиот весник „’Рдечи прапор“ (Rdeči prapor) на 21 август 1903. говори за независна Македонија, нагласувајќи ја фанатичната решителност на македонскиот народ да ја оствари зацртаната цел.

„Очигледно, револуцијата се шири во Македонија. Турција апсолутно не е во состојба да ја задуши. На втори, овој месец, востаниците прокламираа револуција и подвлекоа дека ќе употребат динамит во својата борба и дека ќе се држат до зборот… Зарем не постои ниту еден мирен начин за да се издејствува независност и слобода на Македонија? …И натаму ги гледаме маките на македонското население: Последниве 10 години се затворени над 100.000 Македонци… Турците пак, се жалат дека и Македонците се безмилосни”, наведува словенечкото гласило.

Дописниктот на „Вашингтон тајмс“ (The Washington Times) од Софија, Х.Р. Чемберлејн, уште пред Илинденското востание известува oти целта на македонската револуција е независност, а не автономија. Така, меѓу другото, тој пишува:

„Тие се стремат за ништо помалку од независност, иако тој нивен стремеж го прикриваат со поимот автономија. Добрите познавачи се убедени дека независна Македонија би значела ништо помалку од најцрна анархија ширум земјата.“

Следи написот „Македонија – Нејзината славна воена историја“, објавен во австралискиот весник „Ворлд’с њуз“ (The World’s News) во октомври 1903 година. За новинарот во Сиднеј, тогашните Македонци се наследници на своите истоименици – Македонци од антиката, и се етнички („расно“) различни од Бугарите, Србите и од Грците.

„Во секоја војна за слобода којашто го одбележа развојот на еманципацијата во Југоисточна Европа, Македонците земаа учество. Македонците се бореа рамо до рамо со Грците за време на долгата и горка борба за грчката независност. Кога Србите се побунија, Македонците поитаа преку планините за да им помогнат; кога бугарскиот бунт избувна, Македонците веднаш застанаа рамо до рамо со нив, за да се борат, а ако мора – и да умрат со луѓе од друга туѓинска раса, со кои немаат ништо заедничко, освен омразата кон турскиот јарем. Македонците го поддржаа секој револт во Европска Турција последниве три века; тие испратија луѓе да му помогнат на секој бунт којшто ветуваше успех. Грците, Србите, Бугарите, па дури и Ерменците се нивни должници, но самите Македонци (како што вели еден американски писател), иако им помагале на другите, сè уште се под власта на дивјакот кој речиси 1.000 години е распослан на два континента“, се посочува.

За новинарот во Сиднеј, тогашните Македонци се етнички („расно“) различни од Бугарите, Србите и од Грците.

Написот натаму говори дека Македонците се храбри, слободољубиви луѓе, кои со векови биле изложени на најгрозни, најодвратни и најпонижувачки пакости во Отоманска Турција.

„Политичкиот деспотизам е доволно неподнослив, верскиот – исто така, а во турското владеење ги има и двата. Голем англиски писател еднаш рече: Во суштина, луѓето би можеле да импровизираат и да живеат под тивка тиранија, но човековата природа е таква, да не може да поднесе туѓо тело – напасник. Турското владеење е таков подол тиранин, толку упорен, така наметлив, така проблематичен во секојдневниот живот, што секако го прави неподнослив. Македонците не секогаш беа робови на околните помоќни нации. Србите гордо се сеќаваат на деновите на своето царство; Бугарите – на периодот кога заземаа поголем дел од Балканот; Грците се сеќаваат на златното доба кога му ја дадоа на светот својата уметност, писменост, наука и филозофија. Македонија, исто така, има славно минато, кога на рамнините и долините, на планинските падини и карпи на земјата што сега е составен дел од вилаетите на Солун и Битола, се родија мажите кои појдоа да маршираат до сигурна победа под водство на Александар Велики“, подвлекува авторот.

Сиднејскиот весник продолжува за Александар Македонски и древна Македонија како една од легендите на светската историја.

„Од релативно мала држава со неповолна местоположба, без природни граници и подложна на напад или упад, немајќи ниту уметност, наука, писменост, Македонија стана најмоќната империја на светот, и тоа се случи за многу кратко време, што ги прави околностите така фасцинантни и извонредни – како да читаме ориентална бајка“, се истакнува во написот.

Авторот, сепак, објаснува како и илјадалетија по брзиот пад на македонската империја на Александар, поради несогласиците меѓу тогашните владетели и наследниците – т.е. и над 2.000 години по пропаста на таа македонска држава, македонскиот народ сè уште има способни идеолози и водачи во лицето на организаторот на македонската револуција – ВМРО и другите македонски интелектуалци и оратори.

„Но, Македонците никогаш не заборавија на својата славна историја и македонските оратори до ден-денешен, со цел да ги поттикнат на бунт против Турчинот, ги потсетуваат своите слушатели на битките кај Граник и Ис, со песни за Aрбeлa и смртта на персискиот цар“, се вели на крајот.

Oвa e само мал дел од илјадниците написи, вести, статии за Македонија и Илинденското востание коишто се објавувале ширум светот. 

Пишува: Слободан ИВАНОВ