СЕ ОДРЖА КУЛТУРНО-ЗАБАВНОТО ЛЕТО „НА ЗАЈДИСОНЦЕ ВО ТРПЕЈЦА 2025“

Од 20 до 28 јули, годинава, по 14 пат во Трпејца, Охридско се одржа културно – забавната манифестација „На зајдисонце“. Организаторот на ова значајна манифестација,  Здржението „За Трпејца со љубов“ во целост ги исполни ветувањата дека ќе има интересна програма за туриститете и домаќините.

На денот на отворањето во недела на 20 јули од 20.30 часот по поздравниот говор на претставникот  на Општина Охрид под чие покровителство се одржа манифестацијата Фото клубот „Охрид“ ја претстави најновата продукција на фотографии насловена „Убавината на дофат“. Вечерта со својот настап музички  ја „обои“ познатиот и признат саксофонист Горан Папаз.

Во понеделник на 21 јули во истиот термин беше промовиран првиот роман на младата трпејчанка Анастасија Ристеска „Париска сложувалка“ напишан на англиски јазик. Промотор беше д-р Габриела Неделкоска. Претходно деца од Трпејца пред публиката ги покажат своите таленти.

Филмот како уметност годинава имаше посебно место за манифестацијата „Зајдисонцето во Трпејца“. Под ведро небо како што впрочем сите изминатите години се одвиваше манифестацијата, во вторник на 22 јули гостуваше Антонио Вељаноски, млад режисер, сценарист и фотограф кој живее на реалцијата Охрид – Прага. Присутните можеа да го погледаат неговиот филм „И(с)згубени“.

Во средата на 23 јули се одржа популарната „Трка со куфери по скалинадата во Трпејца“ која имаше натпреварувачки карактер, а потоа имаа настап Мила, Македонка и Билјана. Трите девојки неодамна дипломираа на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје.

Ден потоа гостуваше Драмското студио „Цвет“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Приказни“ а пред тоа беа прикажани и наградени најдобрите три фотографии од Трпејца направени со мобилен телефон од страна на туристите.

29034

Дел од промоцијата на делото „Златните години на КК „Рибар“ од Трпејца од авторот м-р Милчо Јованоски

Петокот 25 јули беше еден од најзначајните и беше резервиран за промоцијата на монографијата „Златните години на КК „Рибар“ од Трпејца од познатиот и  признат автор м-р Милчо Јованоски, еден од организаторите на овие средби. Промотор на делото беш новинарот и публицист Горан Момироски. Претпладнето се одржа традиционалната регата „Номче Митрески“.

Во  саботата на 26 јули гостуваше Театарскиот проект на ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид со „Виолината што одекнува низ вековите“ од авторот и ментор м-р Михаил Патчев, а беше прикажан и документарецот „Охридските трубадури“.

Традиционално подиумот на летото во Трпејца беше место за настап на неколку млади музички уметници – репродуктивци кои во недела на 27 јули имаа свои куси настапи и во кафеаните крај езерото. Вечерниот термин беше заокружен со една нова воспоставена релација на организаторите со Интернационалниот етнографски филмски фестивал кој паралено се одржува во рамките на Илинденски денови што се одржуваат во Битола. Брачната двојка Бландине Брунхес – Гламчевски и Тони Гламчевски од богатата понуда за Трпејца селектираа пет куси филмови од Чешка, Баскија – Шпанија, Кенија , Хрватска и Србија.

Честа и годинава да го затвори летото му припадна на женскиот хор „Акордис“ од Охрид под диригентската палака на Билјана Николоска.

Културно – забавното лето „На зајдисонце“ освен од Општина Охрид е помогнато и од спонзори од Охрид, Скопје и поединци вљубеници во Трпејца.

Сите овие денови присутните уживаа во различните програми, со штосе потврди  желбата традицијата да продолжи и догодина со повторното одржување на културно – забавната манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца, со цел да се продолжат традициите и обичаите во оваа крајбрежна населба -Трпејца, која е малечка по големина, а голема по дух.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН