Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос на тоа какви импликации ќе има трговскиот договор постигнат викендот меѓу ЕУ и САД, рече дека очекува убави вести од Вашингтон за македонските извозници во САД. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на САД, Доналд Трамп вчера постигнаа договор за решавање на трговскиот спор околу зголемувањето на царините. По директни преговори меѓу претседателот Трамп и претседателката на ЕК Фон дер Лајен во Шкотска, двете страни се согласиле на 15 проценти униформна американска царина за сите стоки од ЕУ. Трамп изјави дека договорот со ЕУ е „најголемиот договор што некогаш е направен” и дека ќе биде „одличен за автомобилите“, додека Фон дер Лајен, исто така го поздрави како „огромен договор“, кој дојде по „тешки преговори“.