Делегација на Армијата и Министерството за одбрана во посета на Вермонт за унапредување на одбранбената соработка

Делегација предводена од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заедно со државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, од денес престојува во повеќедневна официјална посета на сојузната држава Вермонт во Соединетите Американски Држави.

Посетата се реализира во рамките на Програмата за партнерство на САД и вклучува серија средби со високи претставници од Националната гарда на Вермонт, воениот универзитет Норвич, како и со официјални претставници на државата Вермонт. Во рамките на посетата, делегацијата ќе оствари средба и со гувернерот на Вермонт, Фил Скот.

Главната цел на посетата, како што соопшти  Генералштабот на Армијата, е унапредување на стратешката одбранбена соработка, размена на искуства и заедничко планирање на обуки и активности.

-Оваа активност претставува уште еден чекор во насока на зајакнување на одбранбените капацитети и интероперативноста меѓу Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на САД, во духот на сојузништвото во НАТО, велат од ГШ на Армијата.