ХИРОТОНИЈА И ВОСТОЛУЧИВАЊЕ НА ТРОНОТ НА Г. ГЕОРГИЈ ЗА ВЛАДИКА НА ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА

На 12 јуни, кога Православната Црква го празнуваше споменот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден, во манастирот “Свети Климент Охридски и Свети Великомаченик Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид, беше извршен чинот Наречение на новоизбраниот архијереј Дебарско-кичевски – архимандритот Георгиј.

На Наречението чиноначалствуваше Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, во сослужение со членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија: Нивните високипреосвештенства г. Петар Митрополит Пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Пимен Митрополит Европски, г. Григориј Митрополит Кумановско-Полошки, г. Јован Митрополит Крушевско-демирхисарски, г. Иларион Митрополит Брегалнички и г. Јосиф Митрополит Полошки, и Неговото преосвештенство г. Марко епископ Делчевско-каменички.

По завршувањето на овој свечен чин следуваше заедничка Воскресна вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше архимандритот Георгиј.

На 13 јули, пак,  во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид беше извршена епископска хиротомија на архимандритот Георгиј и негово устоличување на тронот на Дебарско-кичевската епархија.

Со тоа тој и официјално стана митрополит на Дебарско-кичевската епархија, место што беше упразнето со упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.

Пред членовите на Синодот, свештенството и многубројните верници, новиот митрополит положи заклетва дека „со најголема послушност ќе го исполнува сѐ што е заповедано, секогаш имајќи ги пред очи вистината и правдата“. Тој подвлече дека нема да робува на лицемерие ниту на лични страсти, туку „со сите сили“ ќе работи за доброто на Божјиот народ.

Во поздравниот збор, Архиепископот Стефан потсети дека „епископот не управува со земна институција, туку се принесува себе си како жртва светаденица“, истакнувајќи дека мисијата на митрополитот е да биде „татко на малите и глас на безгласните“. Според поглаварот, Дебарско-кичевската епархија добива „архипастир достоен на своите претци“, кој ќе ги наследи добродетелите на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј.

Митрополитот Георгиј (Ѓоко Ѓорѓевски) е роден во Скопје во 1968 година. Дипломирал богословие во родниот град, а постдипломските студии (магистратура и докторат) ги завршил на Папскиот универзитет „Грегоријана“ во Рим. Покрај богатата академска кариера — долгогодишен декан на Богословскиот факултет во Скопје — има и дипломатско искуство како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на неколку богословски книги, учесник во преведувачки и издавачки проекти и активен поддржувач на современи пасторални иницијативи.

Изборот на Георгиј за наследник на митрополит Тимотеј беше едногласно потврден од Синодот минатиот месец; наречението се одржа на 12 јули, а денешната хиротонија и интронизација ја крунисаа процедурата.

Со ова устоличување, Македонската православна црква – Охридска архиепископија завршува значаен преоден период и добива митрополит кој, според обраќањата на духовниот и академскиот свет, ќе внесе енергија за духовна, образовна и мисионерска обнова во една од своите најдинамични епархии во Република Македонија.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН