Со европски пари ќе се подобрува добивањето бесплатна правна помош во земјава

Поддршка на реформата на системот за правна помош во земјава и покревање на јавната свест и информирање на граѓаните за постоење на можност за добивање бесплатна правна помош е целта  на проектот „Поддршка на реформите на системот на правна помош“ на Европската унија и Советот на Европа што денеска беше промовиран во Скопје.

Проектот, што е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“ во рамки на програмата „Обезбедување правда“ која во моментов се спроведува во земјава, треба да обезбеди поддршка за Министерството за правда и на неговите подрачни одделенија за подобрување на процесуирањето на барањата за бесплатна правна помош и зајакнување на нивните капацитети за давање на правни услуги со поголем обем и поквалитетни, како и да осигура поефективна имплементација на реформите во согласност со европските стандарди.  Предвидува блиска соработка со Министерството за правда, Адвокатската комора, Полицијата, МВР и невладините организации кои даваат бесплатна правна помош.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски истакна дека проектот треба да овозможи поефикасно спроведување на законот за бесплатна правна помош и додаде дека Предлог-законот што го помина првото читање е вратен после забелешките дадени во текот на јавната расправа од Адвокатската комора и невладините организации.

– На јавната дебата најголемите критики беа за одредувањето на тарифата за застапување во законот, која е пониска од редовната адвокатска тарифа што ја носи Адвокатскта комора. Редовната тарифа е превисока во делот на ваков вид на правна помош, бидејќи целта на законот е широк круг на луѓе да добијат правна помош, а буџетот на Министерството за правда од кој се исплаќа услугата е лимитиран, рече Ристовски.

За наредната година, рече, се надева оти буџетот на министерството ќе биде повисок, но додаде дека тоа нема да значи повисоки тарифи на плаќање, туку поширок опсег на лица кои ќе добијат правна помош.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ порача дека проектот значи конкретна помош за земјава во област која е многу битна и додаде дека проектите кои помагаа во давање бесплатна правна помош преку невладините организации беа само привремена активност.

– Проектната сорботка ќе продолжи, но сега со државно финасирање, рече Бертолини.

Хане Јункер, раководителот на Одделот за правда и правни соработки на Советот на Европа посочи дека правната помош е многу важна за заштита на правото на правично судење и еднаквост на оружјата и на луѓето им дава пристап до специјализирани информации за правото и како најдобро можат да ги бранат своите права.

– Клучно е властите да го подобрат пристапот до правната помош… Ранливите групи имаат право на правна помош доколку тоа им треба вклучително и на оние кои немаат средства да платат адвокат. Средствата кои се одвојуваат за таа цел во вашата земја се под средната вредност за таа намена во Европа, рече Јункер.

Посочи дека преку проектот ќе се поддржат регионалните канцеларии на Министерството за правда за поефикасно  и делотворно да работат со клиентите за да можат брзо и квалитетно да им пружат правни услуги на лицата кои тоа ќе им го побараат, како и да се зголеми бројот на адвокати кои се дел од овој систем.

Директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Анета Арнаудова побара и судството да биде вклучено во проектот и да се организираат обуки за судииите и обвинителите, бидејќи судиите, како што рече, се тие што ги одредуваат бранителите по службена дејност.

Проектот, чиј буџет е 300.000 евра, а времетраење 17 месеци, официјално почна да се спроведува од почетокот на годинава, а ќе трае до мај 2019 година.