Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција изјави дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и оти евакуацијата ќе се врши со владиниот авион. Истакна дека најдоцна до утрешниот ден, осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје. -На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.
-Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел отпочна активности за евакуација на наши граѓани. Формиран е и кризен штаб за безбедно извлекување на нашите државјани. Истовремено нашата Амбасада во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и непосредна комуникација со сите наши граѓани. Согласно најновите информации заклучно со денешниот ден, вкупно 28 државјани побарале поддршка за евакуација. Првата фаза од процесот ќе се реализира преку трета земја, Египет. Очекуваме осум наши државјани, четири возрасни и четири деца, до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија од каде по воздушен пат ќе се изврши враќање во земјата, нагласи Муцунски.
Тој додаде дека во моментов персоналот на Амбасадата активно ги финализира подготовките за првата група во соработка со нашата Амбасада во Каиро, а тоа, рече Муцунски, вклучува обезбедување на потребната документација, логистика и организација на безбеден конвој за трансфер кон Египет.
-Втората група се очекува да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Со оглед на прекинот со воздушниот сообраќај со Израел, во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да ја напуштат територијата на Израел, рече Муцунски на прес-конференција.
Министерот истакна дека персоналот на нашата Амбасада се наоѓа на безбедна локација и останува постојано на располагање на македонските граѓани. Како што посочи, се проценува оти околу 100 наши државјани се наоѓаат на територијата на Израел.
-Внимателно ја следиме состојбата на Блискиот Исток и изразуваме загриженост за опасната ескалација. Во оваа прилика ја упатуваме нашата силна посветеност на регионалната и на глобалната безбедност и апелираме сите страни да го почитуваат меѓународното право, да покажат воздржаност и да се воздржат од понатамошни дејствија кои би можеле да доведат до посериозни последици.
Министерот додаде и дека во моментов не се планира евакуација на дипломатите од нашите Дипломатско-конзуларни претставништва.
-Ова е ситуација што може да се промени во следните 24 часа. Планот во моментов е пренесување на лицата од Тел Авив до Шарм ел Шеик, и потоа, со владиниот авион од Шарм ел Шеик до меѓународниот аеродром во Скопје. Но нагласувам дека секогаш кога во вакви ситуации безбедноста е примарно прашање, оставаме резерва на промена на состојбите. Во врска со конвојот, гледаме доколку можеме во соработка со неколку други држави да обезбедиме заеднички конвој до границата со Египет, бидејќи сметам дека безбедносно тоа ќе даде поголем товар на обезбедување од властите на сите држави што се вклучени во овој конфлит. Се адаптираме на состојбите, рече Муцунски.
И премиерот Христијан Мицкоски, претходно изјави дека владиниот авион ќе биде ангажиран во евакуацијата на неколку македонски граѓани во Израел.
-Секојдевно сум во комуникација со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и се прави план за евакуација на заробени македонски граѓани. Ќе биде ангажиран и владиниот авион да бидат пренесени во некоја од соседните земји, најверојатно во Египет. Во моментов се девет граѓани, и очекувам до утре да заврши евакуацијата, рече Мицкоски.
МНР вчера апелираше поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk.
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.