ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Под Пирин Планина, во рамниот простор што реката Струма го дели на два дела, се вгнездил градот Благоевград (порано Горна Џумаја). Бргу се спуштивме низ густата шума на патот за Благоевград. Овде-онде среќававме по некој автомобил и трактор. Влеговме во градот и откај автопатот што води кон Софија се упативме по улицата која води во центарот на градот.
Инаку, Горна Џумаја од 1950 година официјално го носи името Благоевград во чест на Македонецот – Димитар Благоев – Дедото, социјалист од селото Загоричани, Костурско, кој беше еден од основачите на социјалистичкото движење и партија во Бугарија.
Во Благоевград е подигнат споменикот на Гоце Делчев, големиот македонски син, кој за жал, неправедно и грубо, во пиринскиот дел на Македонија, од страна на Бугарите, се прикажува како борец на бугарскиот народ. Но, се поставува прашањето: Зошто бугарските националисти не го поставиле споменикот на Гоце Делчев во Варна, ако бил Бугарин, туку го поставиле во Благоевград, во Пиринска Македонија. Или зошто Бугарија и’ ги даде моштите на Македонија, за тој мирно да почива во црквата Свети Спас во Скопје. Сигурно, тоа го направиле бидејќи Гоце Делчев бил Македонец и ништо друго.
Неговото име стана легенда вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.Гоце Делчев е колективна меморијакај Македонците, затоа Гоце Делчев е Македонија
Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало: „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.
Застанавме пред споменикот на Гоце Делчев, се поклонивме и направивме повеќе фотографии. Го видовме просторот околу споменикот и потоа се упативме на спротивната страна од паркот, од кај реката во тесната уличка, каде што живее еден наш пријател роден во Воден, во егејскиот дел на Македонија, а бил донесен во Бугарија заедно со уште многу илјади Македонци, кои како стебла беа откорнати од родната грутка и преселени со грчко – бугарскиот договор за размена на пограничното население од дваесеттите години на минатиот век.
Во историјата за Пиринска Македонија се вели дека таа е дел од етничката територија на Македонија, кој дел по Букурешкиот „мировен” договор во 1913 година припаднал на Бугарија. Во антиката Пиринска Македонија најпрвин била дел од Панонија и Тракија, а подоцна станала дел од Царството Античка Македонија. Во римскиот период Пиринска Македонија доживува своевиден процут, за што сведочат повеќето археолошки ископини на антички градови во близината на денешните градови Благоевград, Сандански, село Рупите и др. Македонците во Бугарија, или како Пиринци или бугарски Македонци, се староседелско население кое, главно, живее во Пиринска Македонија, во југозападниот дел на денешната Република Бугарија. Во определени периоди постоело и иселување од политички и економски причини, од другите делови на македонската регија. Иселувањето се одвивало во неколку поголемибранови: средниот век, во ренесансата, по ослободувањето на Бугарија од турската власт, по Илинденското востание, по Балканските војни и Првата Светска Војна. Македонската емиграција од сите делови на етничка Македонија во Бугарија е најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство. Невозможно е да се каже колкав е точниот број на етничките Македонци во Бугарија, особено поради фактот што различни извори даваат спротивставени податоци. Сепак, сите се согласуваат дека голем број (над два милиона, вклучувајќи и од мешани бракови) од граѓаните на Република Бугарија се потомци на доселеници од Македонија, кои како емигранти или бегалци својот дом го нашле во Бугарија. Според пописот на населението во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија 160.541 лице, односно 70% се изјасниле како етнички Македонци. Изнесените факти ја потврдуваат вистината за Македонците во Бугарија, кои Бугарија вешто се обидува да ги изманипулира. За жал, и за голем демократски срам, според пописот на населението во Република Бугарија од 2011 година таму живеат само 1.654 Македонци, од нив: 561 се населени во Благоевградска област, а 1.163 се со мајчин македонски јазик, додека 1.091 се државјани на Република Македонија кои живеат во Бугарија. ![]() |
Исто така, во 1947 година биле создадени печатени медиуми, „Пирински весник” и Печатницата „Македонска книга”. Тие биле дел од остварените ветувања за правата на Македонците во Бугарија, кои би го зајакнале македонскиот јазик и култура. Медиумите биле укинати и затворени во 1958 година, поради политички причини и менување на власта.
Меѓутоа, во 1990 година, бил создаден нов весник за македонското малцинство во Бугарија, со име „Народна волја”. Весникот се уредува и печати во Горна Џумаја.
Исто така, во Благоевград е формирана Обединетата македонска организација „Илинден” – Пирин е партија за економски развој и интеграција на населението во Република Бугарија. Таа е демократска партија која ги штити правата на малцинствата и се залага за децентрализација на земјата. Тоа е единствената политичка партија која се бори за правата на македонското малцинство во Бугарија. Партијата работи главно во југозападниот регион на земјата, исто така познат како Пиринска Македонија. Таа беше регистрирана како политичка партија во 1999 година и учествуваше во општинските избори. Меѓутоа, на 29 февруари 2000 година, Уставниот суд во Бугарија прогласи дека таа е неуставна, повредувајќи го правото на слобода на здружување и правото на слобода од дискриминација.
За голема жал и човеков страм, бугарската влада одбива да признае постоење на македонско м алцинство во Пиринска Македонија и продолжува да ги крши основните човекови права. Членовите и симпатизерите на ОМО„Илинден“ – ПИРИН, политичка партија и организација за човекови права и ОМО Илинден, организација за човекови и малцински права се малтретирани, тепани, казнувани, па дури и затворани, едноставно за прогласување на својот македонски идентитет.
Причината за упорното негирање на Македонците во Бугарија доаѓа од бугарската националистичка догма дека нема, не може и не треба да има Македонци. Меѓутоа, вистината е друга не само со пописот, туку и со вистинското постоење на народот. Затоа ние сакавме да се увериме, да го потврдиме тоа и да ги информираме читателите за дел од вистина на Пиринска Македонија.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН