ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Прота-ставрофор Илија Донев е роден на 6 јуни 1953 година во селото Сирково, Општина Росоман во винарскиот крај на Кавадарци. Тој е одрастен во ова убаво лозарско село заедно со неговите родители Боро и Цветанка Доневи. Основното осумгодишно образование го завршил во своето родно место, а потоа во 1968 година се запишала во Средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Петокласната програма во Богословијата со успех ја завршил во јуни 1973 година, а истата година во месец октомври школувањето го продолжил на Богословскиот факултет при Српската православна црква во Белград. Со успех ги завршил богословските студии и дипломирал на 3 март 1978 година. Потоа, на 30 август 1981 година стапил во брак со Благица Гижаровска. Во нивниот брак се родилеа ќерката Цветанка и синот Никола.
Работниот век на свештеникот Илија Донев започнал веднаш по завршувањето на Богословскиот факултет, кога на 1 септември 1979 година со одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е поставен за професор во Средното богословско училиште во Скопје, а наскоро, покрај професорската должност, доверена му е и должноста заменик-ректор. Имено, со одлука и барање на Светиот архијерејски синод од 1 09. 1987 година Илија Донев е назначен за ректор на Богословијата и таму останал до 11 ноември 1988 година.
Неговата свештеничка должност започнала на 15 ноември 1981 година, кога во храмот „Свети Вознесение“ во Драчево, од блажено упокоениот архиепископ Ангелариј, е ракоположен во ѓаконски чин. На 16 ноември 1984 година, истиот архијереј, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка кај Скопје, го ракоположи во свештенички чин.
Во неговите биографски податоци е забележано дека на лично барање, со одлука на Светиот архијерејски синод бил разрешен од должноста професор во Богословијата и од 1 декември 1984 година бил поставен за парохиски свештеник при храмот „Света Петка“ во Скопје. Тука останал сè до 31 август 1987 година.
Од 1 октомври 1988 година, на лично барање, а поради заминување на парохиска должност во Американско-канадската-македонска православна епархија, бил разрешен од должноста ректор на Богословијата. Потоа, од 1 јануари 1989 година, со одлука на тогашниот митрополит американско-канадски господин господин Стефан бил поставен за парохиски свештеник при Македонската православна црква „Свети Илија“ во градот Мисисага, во Канада.
Од 19 јануари 1990 година, поради избегнување на плаќање на киријата за приколките, светите богослужби се извршувале во привремено изградена барака на црковното место. Таа послужи сè до 14 мај 1997 година кога беше осветена купената нова црква. Купената нова стара зграда во последните 10 години беше уметничка галерија, а претходно прва Римокатоличка црква „Свети Јосиф“, која била изградена во 1853 година, а осветена во 1856 година.
Еден од тажните датуми на црквата „Свети Пророк Илија“ е, секако, 28 април 2000 година, кога после вечерната богослужба на Велики петок, од неодговорни лица, истата беше запалена и сосема уништена. Неопходно беше Црковниот управен одбор да се зафати со изградба на нова црква чии темели беа осветени на 9 септември 2002 година од господин господин Стефан, а во сослужение на митрополитот полошко-кумановски господин Кирил како и бројното свештенство од Торонто и околината. Новоизградената црква беше осветена на 12 мај 2006 година од Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, а во сослужение на епископот Методиј.
Во целиот тој историски период на црквата „Свети Пророк Илија“ во Мисисага, прота Илија Донев беше централна личност кој помогна за судбината и иднината на овој македонски црковно-национален храм. Затоа, на 2 август 1995 година, Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски господин господин Михаил, а воедно и администратор на Американско-канадската-македонска православна епархија, го одликува – унапреди во чин – протојереј. Во мај 1998 година, пак, со одлука на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА одликуван е во чин – протојереј – ставрофор.
Во мисионерската дејност на прота-ставрофор Илија Донев е забележано дека од 1 јануари 2000 година со одлука на Неговото блаженство господин господин Стефан поставен е за парохиски свештеник при Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Торонто. Потоа, од 1 октомври 2004 година, а со одлука на господин господин Стефан, поради успешно довршување на градбата на новата црква, поставен е за парохиски свештеник при Македонската православна црква „Свети Илија“ во Мисисага.
За жал, на 8 ноември 2010 година неговата протопрезвитера Благица се пресели во вечниот живот. Иако трауматизиран поради нејзината прерана смрт, Илија Донев продолжи со ист жар и елан да ја извршува својата свештеничка должност.
Така, од 1 ноември 2012 година со одлука на митрополитот господин Методиј, поради потребите на службата, повторно е поставен за парохиски свештеник при Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто, која должност ја извршува и денес.
За дејноста на прота-ставрофор Илија Донев треба да се нагласи дека најголемиот акцент во неговата работа е мисионерската дејност. Уште од времето како беше назначен парохиски свештеник при храмот „Света Петка“ во Скопје активно се вклучил околу одржување на верски предавања и предавања за веронаука за помладите.
Истите се одржувале секоја недела во попладневните часови. Често пати гости на предавањата биле и истакнатите свештеници во Скопската епархија како протојереј-ставрофор Методи Гогов, подоцна архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па протојереј-ставрофор Славчо Петров и други.
Со доаѓањето во Канада, иако во тешки услови уште во првите денови од парохиската служба во Мисисага тој ја продолжил својата мисионерска активност. Во согласност со условите тој се зафатил со издавачка дејност. Бил главен уредник и пишувач на текстовите во периодичниот билтен „Илинден“, а чиј технички уредник била протопрезвитера Благица Донева. Текстовите се со верска содржина и од животот на црквата.
Со доаѓањето на парохиска служба во храмот „Свети Климент Охридски“ го продолжува издавањето на билтенот „Светиклиментов збор“, каде се јавува како пишувач и главен уредник, а технички уредник е неговиот син Никола Донев. Текстовите се пишувани на македонски и англиски јазик.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН