Процесот на проширување на Европската Унија треба да има поголема предвидливост, да биде подинамичен и покредибилен, а процесот на носење одлуки во Унијата е потребно да стане пофлексибилен, порача денеска германската амбасадорка Петра Дрекслер на панел-дискусија на тема „Обликување на иднината – ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија“ во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во земјава и Вилфрид Мартенс центарот за Европски студии по повод Денот на Европа – 9 Мај.
Дрекслер говореше за можноста за менување на начинот на кој ЕУ ги носи одлуките, иницијативи кои ја имаат поддршката од Германија, при што посочи дека изменетите геополитички случувања изминатите години особено го покренале ова прашање, поради потребата од поголемо единство и интеграција на самата Европа заради поефикасно справување со предизвиците и заканите.
-Сите сме свесни за развојот на геополитичката ситуација на полето на безбедноста, на полето на демократијата, за предизвиците и заканите со кои се соочуваат нашите општества. Време е Европа да почне да се грижи за себе си. Свесни сме за тоа, но мора да покажеме поголема одговорност и прашањето повеќе не е дали, туку како ќе го направме тоа, при што ќе мораме да погледнеме во начинот на тоа како досега преземаме активности и носиме одлуки. Значи ќе мораме да бидеме сигурни и да бидеме способни да носиме брзи одлуки и да преземаме брзи дејствија. Токму затоа и во коалицискиот договор на новата сојузна Влада на Германија е наведено дека ова за нас ќе биде приоритет, да обезбедиме забрзан процес на донесување одлуки во рамки на ЕУ, при тоа секогаш имајќи ја предвид секоја поединечна земја и нејзините интереси. Нашата сила е во нашето единство и сите сме свесни за тоа, истакна Дрекслер.
Таа нагласи дека новите геополитички случувања и предизвици ја принудиле ЕУ да изнајде еден оптимален процес на донесување одлуки, кој ќе биде прифатлив и ќе овозможи употреба на квалификувано мнозинство, особено во однос на безбедносната политика. Амбасадорката напомна дека квалификуваното мнозинство не е новина за ЕУ, дека Советот 80 отсто од регулативите ги носи со квалификувано мнозинство, но сепак има одлуки, како што се оние поврзани со заедничката надворешна и безбедноста политика, за кои е потребна едногласност.
-Потребно е да се имаат предвид националните интереси на земјите-членки, потребно е да се најде начин на кој ќе се одржи овој принцип на едногласност во донесувањето одлуки, но истовремено да се воведат и пофлексибилни начини, нагласи Дрекслер.
Таа напомена дека секогаш ќе има релевантни моменти во кои земјите-членки ќе треба да донесат едногласни одлуки, но има многу технички аспекти и технички одлуки, за кои мора да се обезбеди поголема флексибилност, истакна германската амбасадорка.