ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Со право може да се рече дека Дана Скендова Скотланд е голем приврзаник и почитувач на втората татковина–демократска Канада и родната Македонија и дека таа е еден вид мост меѓу Македонија и Канада. Тоа се потврдува со зборовите на Дана, дека треба човек да се бори за својата иднина, да ги чува семејните обичаи, традициите, религијата, мајчиниот јазик, културата и сите други придобивки, со цел да остави трајни белези за идните генерации, кои треба да ги продолжат древните македонски вредности.
Судбината Дана Скендова Скотланд била, да ја напушти Македонија во немирните времиња исполнети со прогони, неправди, страв и се’ она што може да го донесе војната и недемократските системи. Таа од родната Македонија го понесе единственото чувство дека е Македонка и дека ќе остане тоа до крајот на животот
Животот на Дана Скендова-Скотланд започнал во Битола во 1944 година, во градот на конзулите и градот на културата и образованието, за потоа во 1951 година заедно со родителите да замине во Канада каде и сега живее. Таа од родната Македонија го понесе единственото чувство дека е Македонка и дека ќе остане тоа до крајот на животот.
Судбината Дана Скендова Скотланд била, да ја напушти Македонија во немирните времиња исполнети со прогони, неправди, страв и се’ она што може да го донесе војната и недемократските системи. Патот ја однел на повеќе балкански простори, за на крајот да се пресели во Канада, каде Дана со своето семејство живее повеќе од педесет години.
Меѓутоа, иако ова доблесна Канаѓанка од македонско потекло со семејството живее во демократска Канада, во нејзината втора татковина, таа остана доследно на својата вековна македонска национална припадност и на своите дедовски корени во Македонија.
Животната приказна на Дана Скендова-Скотланд е, истовремено и еден вид сторија и историска вистина на Македонија, а преку неа и на македонското иселеништво. Тоа е особено изразено со нејзината Автобиографија за нејзиниот животен пат, каде сублимирано се проектира најновата фаза на историјата на една скромна иселеничка која е на распетие меѓу Македонија и Канада. Со тоа значењето на оваа автобиографија, која ја подготви авторот на овие редови Славе Катин, ги надминува рамките на обично дело за животот на едно македонско семејство надвор од Македонија.
Инаку, автобиографијата „Сеќавања” на Дана Скендова-Скотланд, е огледало на нејзиниот животен пат, судбина, минато, сегашност, дел од нејзините лични и семејни постигнување, како и дел од иднината на нејзиното семејство. Затоа може да се каже дека со оваа автобиографија во куси црти се проектира еден дел од македонската историја. Таа е интересна и претставува вечно дело на едно скромно македонско семејство од Егејска Македонија.
Во оваа книга даден е дел од сликата за Дана и нејзиното семејство Скендови, младото поколение, нејзиниот сопруг Блер Скотланд, нивната животна прикаска и судбина, нивниот заеднички живот и постигнувања. Во автобиографско дело, на многу интересен, наративен начин, на англиски и на македонски јазик се презентирани историскиот, животниот, семејниот, иселеничкиот и творечкиот опус, пред сè на Дана Скендова–Скотланд.
Дана, покрај тоа што е вљубеник во Торонто, во канадскиот живот, демократските процеси и слободи, таа е голем роднокраен поборник и вљубеник во македонскиот поетски пишан збор, во македонското духовно живеење и македонската заедница. Во исто време со своето скромно поетско постигнување е позната, докажана и призната во македонската заедница во Торонто, особено преку Литературното друштво „Браќа Миладиновци” што е во рамките на МПЦ „Свети Климент Охридски” во Торонто..
За авторот на овие редови посебно значење е и еден друг факт. Тоа е познанството, пријателскиот однос и добрите релации на нашите родители од пред педесетина години до денес. Затоа и мојата лична благодарност кон Дана и нејзиното семејство за укажаното внимание и чест да ја уредам, преведам и отпечатам оваа значајна автобиографија, дело со дел од интересната животна сторија на Дана Скендова-Скотланд и нејзиното почитувано семејство, која се чита во еден здив.
Исто така, во монографијата се дадени податоци за нејзиниот сопруг Блер Атол Мур Скотланд кој бил роден во болницата „Свети Јосиф” во Торонто, на 26 јуни 1940 година.Неговиот татко Џорџ кој бил роден во Пертшир, Шкотска, при крајот на XX век, бил единствено момче во семејството со четири сестри. Играл фудбал во клубот „Свети Џонсон” и во 20-тите години на XX век, од далечната Шкотска дошол во Канада во потрага по подобар живот.
Блер не знаеше ништо за Македонија и за македонскиот народ. За една недела, направи истражување и набргу доби низа сознанија за историјата на македонскиот народ. Поради неговата љубов кон Дана, Блер го прифати народот, културата и религијата. Се запиша во македонско училиште и две години учеше со професорката Софија Росовска и таа навистина беше импресионирана од неговата трудољубивост.
Научи да чита и пишува македонски, но јазикот му беше предизвик. Уживаше во музиката и играше ора. Всушност, Блер стана вистински амбасадор за Македонија.
Дана Скотланд е член на Литературното друштво „Браќа Миладиновци”. Објавила поезија на англиски и на македонски во делата „Корени”, „Литературна мисла”, „Незаборавени” и „Носталгични воздишки”
Таа е медицинска сестра и е хуманист, човекољубец, помагач и волонтер во многу организации. Така, таа, меѓу другото, е Член во Комитетот за контрола (архивски секретар) на црквата „Свети Климент Охридски”, Член на Женската секција на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски”, во “Македонски детски фонд,, член на Организацијата „Обединети Македонци”,на Македонско историско друштво на Добротворното друштво „Неволјани” и на Женското здружение „Неволјани”. Дана Скотланд, меѓу другото е добитник на Награда за волонтирање 1993 – 10 години од Канадско-македонското здружение.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН